Претседателски кандидат 2024

DSC 4642 scaled

Проф. д-р Билјана Ванковска

Контакт за односи со јавност 
Моника Маневска
 074 203 176
Електронска пошта
[email protected]

Биографија

Проф. д-р Билјана Ванковска е доктор на правни науки и редовен професор на Филозофскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Раководител на Центарот за глобални промени. Претставник е на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Мрежата на тинк тенкови и академски институции на ОБСЕ (OSCE Network of Think Tanks and Academic Institutions) од 2017 година до денес. Била член на извршниот одбор на Комитетот за општеството и вооружените сили во рамки на Меѓународното здружение за политички науки (IPSA). Таа била претставник на Република Македонија, односно на Институтот за безбедност, одбрана и мир во Конзорциумот на воени академии и институти за безбедност во рамки на Партнерството за мир (од основањето во 1999 до 2003 година).

Низ годините Ванковска стана една од најцитираните и најобјавуваните научни работници од Македонија од областа на општествените науки. Член е на уредувачките одбори на повеќе врвни научни списанија во разни земји – освен во Македонија, тука се и уредувачките одбори на списанија кои излегуваат во Велика Британија, САД, Словенија, Русија, Канада и Србија. Членува во бројни светски научни здруженија, а е член на неколку иницијативи поврзани со глобалното управување и разоружувањето во 21 век.

Нејзините академски знаења ја прават компетентна за неколку критични подрачја од значење за извршувањето на претседателската функција, како што се функционирањето на политичкиот систем, демократската контрола врз безбедносниот систем и главните предизвици на глобалната безбедност, прашањата на разоружувањето, мирот и конфликтите. Во рамки на професорските обврски, Ванковска отсекогаш се грижела на студентите да им понуди најнова и соодветна учебничка литература, па досега ги има објавено следните учебници: „Одбраната и правото“, „Политички систем“ (две изданија), „Европски институции“ (две изданија), „Меѓународна безбедност“ и „Транзициска правда“. Била член на Меѓуресорската експертска група за изготвување на Извештајот за компатибилноста на законодавството на Република Македонија со стандардите и барањата на Европската конвенција за човековите права.

Со досегашниот богат ангажман, Ванковска е пример за јавен интелектуалец и активен учесник на јавната сцена како гласноговорник и застапник на најважните прашања поврзани со состојбите во Македонија и светот. Во нејзиниот јавен ангажман, Ванковска била јавен заговарач на Иницијативата за РЕКОМ во Република Македонија. Била потпретседател на Граѓанското движење на Македонија во 2004/2005 година, и особено активна во референдумската кампања за законот за општинските граници од 2004 година. Учествувала на бројни протести и иницијативи по важни јавни прашања, познати како „протести против изградбата на црква на плоштадот во Скопје“, „протести против полициската бруталност“, таа била еден од основачите на „Професорскиот пленум“, активна во протестите против ограничувањето на правото на абортус, протестите против Преспанскиот договор и промената на Уставот итн.

Билјана Ванковска е родена на 14 ноември 1959 година во Скопје. Нејзиното социјално потекло е работничко: од татко графички работник и мајка текстилна работничка и домаќинка. Таа е мајка е на три возрасни деца, сите доктори на науки на светски универзитети, во областите на биохемијата, неврологијата и социјалната психологија. Баба е на внукот Дарио .