Затворањето на границите за бегалците е врв на лицемерието на ЕУ!


За време на Втората светска војна беа раселени околу 40 милиони Европејци.

Денес, Европа ги затвора своите граници за бегалците од Африка и Азија.

Изговорот е дека европските земји немаат капацитет да примат повеќе бегалци. За потсетување, земјите од ЕУ имаат примено околу 1 милион бегалци, што е околу 0.2% од нивното население.

Ксенофобијата и нетрпеливоста кон бегалците особено е зголемена по терористичките напади кои се случија изминатиот период во ЕУ, а некои медиуми и ксенофобични гласови тенденциозно вината ја насочија кон бегалците.Тероризмот во основа е реакција на неподносливите животни услови наметнати од империјализмот и капитализмот, а најголеми непријатели на тероризмот се: економскиот развој, образованието, квалитетното јавно здравство, освестените и организирани рaботници.

Неискреноста на ЕУ се гледа од фактот што иако затворени за бегалците, границите на ЕУ остануваат отворени за дијамантите, златото и нафтата кои доаѓаат од Африка и Азија. Нема ограда од бодликава жица ниту за профитите кои европските компании ги прават на грбот на сиромашните работници од овие земји.

Дали причината за затворањето на границите е тоа што не сакате да ги делите профитите кои ги остварувате од искористување на богатствата на овие земји, со нивните жители? Или пак, причината е што бегалците ве потсетуваат дека рацете ви се извалкани, заради учеството во војните во овие земји, војни за експлоатирање на овие природни богатства?

Која и да е причината, нема дилема – затворањето на границите за бегалците е врв на лицемерието на ЕУ. 

Ние не сакаме ваква ЕУ. Ние сакаме хумана и солидарна ЕУ, која ќе им помага на слабите и сиромашните и ќе се бори за нивно омоќување.

Затоа, кажуваме јасно и гласно – отворете ги границите, тргнете ги оградите! НЕ за дискриминација на луѓето, НЕ за експлоатација! ДА за хуманизам, ДА за слободно движење! Само така можеме да дојдеме до интернационално обединување, само така можеме да изградиме подобар свет.

 

8ba4c490-659c-4cb3-8c03-b39daf1b019e