Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Наместо во буџетот, 21 милион евра завршија на сметките од четири приватни лаборатории

По две години живот во пандемија, кога голем број останаа без својата егзистенција поради губење на работните места, граѓаните во Р. Македонија во голема мера ја почувствуваа и здравствената криза.

Поради ужасната состојба во кое е доведено јавното здравство и немањето термини за тестирање во државните лаборатории, голем број граѓани беа приморани потребните тестови и анализи да ги прават во приватните лаборатории.

Сепак, овие две пандемиски години не беа кризни за сите, а приватните лаборатории во време на криза неколкукратно го зголемија својот профит. Во 2021 година, со фантастични 7.724.000 евра нето-добивка (и приход од 21 милион евра) се наполнијa касите во приватните лаборатории: „Авицена”, „Биотек”, „Никоб Лаб” и „Синлаб”.

За споредба, профитот на „Авицена” во 2018 година изнесувал 110.000 евра, додека во 2021 година изнесува 2.800.000 евра! Профитот на „Синлаб”, од 110.000 евра во 2018 година, достигнал 924.000 евра во 2021 година. „Биотек” во 2021 година заработил чиста добивка во износ од 2.600.000 евра, додека „Никоб Лаб” во 2021 година заработил 1.400.000 евра профит.

За овој огромен приход на приватните лаборатории, директен виновник е министерот за здравство, Венко Филипче, како и сите досегашни министри, кои со системското уништување на јавното здравство, ги принудија граѓаните да одат во приватните здравствени институции.

Вториот виновник, за празните џепови на граѓаните, секако е Владата. Taa, во текот на прогласена вонредна состојба, имаше моќ да носи Уредби со законска сила. Пa така можеше, доколку имаше политичка волја, да донесе Уредба со која ќе ги утврди максималните цени на услугите во приватните лаборатории и установи, со цел спречување експлозија на цени на здравствените услуги во приватното здравство.

Очигледно е тенденциозното уништување на јавното здравство, на сметка на високата профитабилност на приватните здравствени установи, па парите на граѓаните, наместо во Буџетот, завршија на сметките на приватните компании, кои континуирано се во добри односи со естаблишментот.

Здравјето не е и не смее да подлежи на бизнис-логиката и затоа сите проблеми со кoи што се соочува јавното здравство, можат да се решат со совесно и домаќинско менаџирање и давање приоритет на обезбедување здравствена заштита за сите граѓани, без исклучок, a при тоа граѓаните дa добијат квалитетни услуги по достапни цени.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

22 април, 2022

Најнови објави