Откако минатата седмица Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека ингеренциите на Општина Свети Николе ќе и бидат одземени во делот со управувањето со јавното претпријатие кое треба да управува со депонијата, станува јасно дека и централната власт нема да се откаже од намерата за изграба на депонија во нашиот град.
Левица цврсто стои на ставот дека е недозволиво во Свети Николе, како мала Општина, која изобилува со плодно земјиште, бројни земјоделски култури, сточарство и пчеларство да биде изградена регионална депонија, каде ѓубрето ќе го фрлаат дваесетина општини.
Заради ова, при донесувањето на Заклучокот за промена на локацијата на регионалната депонија Мечкуевци, Советникот од Левица интервенираше со амандман, со кој бараше задолжително спроведување референдум во случај да продолжат активностите за реализирање на регионалната депонија. Овој амандман беше усвоен едногласно.
По ваквата одлука на ресорното Министерство, неопходно е Локалната самоуправа да распише локален референдум, чија одлука ќе биде задолжителна, а граѓаните непосредно и директно да одлучат дали ќе дозволат во Свети Николе да се гради ваква депонија.
Сметаме, дека реализацијата на овој проект, не само што ќе влијае негативно на био-сферата, еко-сферата и целокупното живеење на светиниколчани, ова дополнително ќе допринесе трендот на иселување да продолжи со уште поголем интензитет, што може да доведе до целосно уништување на ова градче.
Референдумот е еден од последните правени механизами со кои можеме да се спротивставиме на оваа одлука. Должни сме, на идните генерации да им оставиме град со здрава животна средина!
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО СВЕТИ НИКОЛЕ
20 април, 2022