Сочувство и солидарност со народите од Блискиот Исток во борбата против империјализмот и окупационите сили на САД и НАТО


Остро го осудуваме свирепото и политички мотивирано убиство на иранскиот генерал-мајор Касем Сулејмани извршено во Багдад од страна на окупационите американски воени сили во регионот!

Ваквиот непромислен акт на САД, кој не само што е нелегален и спротивен на сите меѓународни акти и конвенции, туку истиот етички е крајно неоправдан и тој претставува уште еден, од многуте непобитни показатели, дека токму САД – со нивните империјалистички воени агресии, преку окупација на земји и народи ширум светот, водени единствено од мотивите за сурова екплоатација и корпорациски профит, како и организирана кражба – е најголемата закана за светскиот мир.

Во оваа прилика изразуваме длабока жал и сочувство со народот на Исламската Република Иран и Ирак чии граѓани, како другари на генерал-мајорот Касем Сулејмани, исто така ги загубија своите животи при атентатот. Несомнено дека командантот Сулејмани посветено и чесно служеше во одбрана на интересите на иранскиот народ и очувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на својата земја. Но, покрај ова, Сулејмани беше и еден од лидерите во борбата против империјализмот предводен од САД, како и клучен фактор во борбата против тероризмот на ИСИС и Ал-Каеда на Блискиот Исток. Оттука, неговата загубата не е само трагичен настан за неговото семејство и својот народ, туку тоа е огромна загуба на сите народи ширум светот кои се под јаремот на американскиот воен, политички и економски терор. Но, уверени сме дека ова нема да создаде апатија во редовите на тој отпор, напротив, ќе биде мотив повеќе во тоа да ги обедини народите како приврзаници на отпорот, не само од регионот, туку и пошироко во светот – до конечно ослободување од империјализмот предводен од САД и воениот сојуз НАТО.

За жал, ние сме држава која преку воениот сојуз НАТО, не само што финансиски дава придонес кон ваквите империјалистички и крајно нечесни и срамни авантури на САД, туку под сериозна опасност ја доведуваме и безбедноста на нашите војници, кои, патем, соочени со лошата економско-социјална состојба, во потрага по подобар живот за своите семејства, прифаќаат да бидат испратени како учесници во мисиите токму на воениот сојуз НАТО, кој служи како маша на САД. 

Стоп за војните за профит!
Не во НАТО!