Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Општина Илинден планира зголемување на цените на водата за граѓаните додека на компаниите им ја дава бесплатно

Поради економската криза во која се наоѓа Република Македонија, минатиот месец претставник од ЈКП Водовод – Илинден најави можно поскапување на дистрибуција на водата за пиење за физички лица поради зголемените сметки за електрична енергија.

Несомнен е фактот дека во нашата држава секогаш обичниот граѓанин ја плаќа казната за лошото владеење на политичките функционери на локално и централно ниво.

Општина Илинден е една од општините во Репбулика Македонија во која има поголем број на регистрирани правни субјекти кои се бават со производство и трговија на производи.

Големите правни субјекти кои се гиганти на Европскиот пазар и се дел од македонскиот пазар се едни од главните должници на ЈП Водовод – Илинден.

Веќе ни е јасно дека државниот систем не функционира, па и не не зачудува фактот дека главните субјекти кои ги немаат подмирено своите долгови кон ЈП се од државниот апарат.

Останатите три компании кои се наведени на сликата, Мултипром, Џонсон Мети и Ван Хоол се едни од поголемите работодавачи на македонскиот пазар. Истите важат за големи компании со производствени погони кои учествуваат во светскиот пазар.

Водоводот во општина Илинден е граден со самопридонес на граѓаните на општина Илинден и нелогично е што иако тие самите си го изградиле, со свои средства, општината денес туку така ја нуди водата на разни претпријатија во општината бесплатно, а за граѓаните планира дури и да ја поскапи.

Имајќи го тоа во предвид и фактот дека граѓаните мака мачат како да ги пребродат ценовните шокови, општина Илинден под итно треба да си ги наплати долговите што разни претпријатија ги имаат кон јавното претпријатие – Водовод, но и да ги поскапи цените на водата за претпријатијата од причина што тие се единствените кои прават профити, а не граѓаните.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА-Илинден

28 септември, 2022

Најнови објави