ИНТЕРВЈУ НА ЈАНЕСКИ ЗА „АНТРОПОЛ“: Заканите нема да нѐ поколебаат, кога се работи за кауза не правиме компромиси и калкулации

марио mario

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Во кратко интервју за Антропол, со раководителот на Црвена Младина – Марио Јанески, разговаравме за последните случувања со УМС од ВМРО- ДПМНЕ, предупредувачката порака што ја доби и накратко се навративме на сличните закани што ги добиваше Јанески пред некое време и од страна на членови на ДУИ.

Преку фејсбук статус сподели порака во која се договара „ќотек“ за тебе. Кој ја планираше физичката пресметка и како стигна пораката до тебе?

Од информациите што стигнаа до нас, односно лично до мене од повеќе извори од наши доушници од УМС, раководоството на УМС веќе извесен период подготвувале физички напад врз мене мислејќи дека на таков начин ако удрат по „главата” на Црвена Младина ќе ме заплашат мене и членовите на Црвена Младина, но очигледно ја промашиле тактиката.

Зошто ви се закануваат од УМС? Дали во Црвена Младина гледаат несовладлива конкуренција?

Затоа што ДПМНЕ не знае поинаку. Не многу одамна слушавме како се справуваа ДПМНЕ со нивните политички неистомисленици. Мотивите за вакви закани се веројатно затоа што пред извесен период високо раководство на ДПМНЕ ги „опоменале” младите на ДПМНЕ дека Црвена Младина е многу поактуелна во медиумите, во јавноста со нашите препознатливи активности за разлика од УМС. Тоа пак доведува до еден феномен на масовно приклучување на млади нови активисти во нашата младинска организација и сметам дека од таму се мотивите за вакво нешто.

Младите дефинитивно препознаваат каде е вистинската борба, жарот и водени од идеологија и единствено со намера за некаква промена доаѓаат кај нас, наместо праксата од изминативе години каде што младите се зачленуваа во политичка партија само поради вработување. Левица дефинитивно поставува нови стандарди во политиката, ја прави политиката да биде во мода кај младите и од таму е паниката кај останатите партии.

По спроведените герилки во Чаир, имавте конфликт и добивте закана и од претседателот на Советот на Општина Чаир, Јетмир Асани. Што поточно се случи и дали беше очекувана таква реакција од членови на ДУИ?

После герилата во паркот во Чаир каде што го променивме името на паркот, најрпво градоначалникот на Чаир јавно побара санкции за нас, небаре сме вандали, а потоа и претседателот на Совет на Општина Чаир во негов статус суптилно ми се закани дека следен пат можело да ми се случи нешто ако одам во Чаир. Реакцијата беше очекувана, па што друго да очекувате од структури или наследници на структури кои во 2001 правеа масакри на македонските бранители?

Два пати влеговте во Чаир и успешно ги реализиравте герилките. Доколку постои мотив, дали би влегле повторно и покрај сите обиди за заплашување?

Црвена Младина повторно беше во Чаир, овојпат за промена на името на улицата „Втора Македонска Ударна Бригада” во „Адем Демачи”. Не можевме да премолчиме на свесното бришење на спомените од НОБ и рехабилитирањето на некои други идеологии спротивни од оние за кои нашите дедовци гинеле и преку која борба ја создале оваа држава.

Нивните закани воопшто не не поколебаа, затоа што кога се работи за нашата кауза не правиме компромиси и калукации. Ако постои мотив, ќе одиме пак, и не само таму, секаде каде што треба. Македонецот повеќе не се плаши од ништо и митот дека Македонецот молчи и трпи Левица го нарушува.

Зошто сте им како трн во око на останатите подмладоци?

По принцип ние не сакаме многу да се занимаваме со другите подмладоци и партии, да се споредуваме со нив или слично, но ние очигледно им сметаме. Им сметаме затоа што чувствуваат колкава е поддршката на младите кон Левица, затоа што гледаат дека се повеќе има млади кои ни се приклучуваат нас, кои влегуваат во политика и не ја гледаат политиката низ призма на клиентелизмот туку како средство за да создадат пристојни услови за живеење базирани на некои други вредности како социјална правда, еднаквост. Црвена Младина е подмладок на угнетените, социјално ранливите, скромните и обесправените млади средношколци и студенти кои создаваат една нова политичка култура во Македонија.

Откако се појавивме ние на сцената, веќе не е срамота да се занимаваш со политика, туку нужност. Го разбиваме стереотипот дека политиката е лоша и младите сфаќаат дека политиката е неутрална и дека политичарите се оние кои се лоши или добри. Тогаш кога една организација е изградена на здрави принципи, вредности и идеологија нема сомнение дека од таму ќе произлезат квалитетни неподмитливи кадри. Левица е новата генерација на неподмитливи политичари кои знаат дека единствена обврска им е да ја спасат Републиката од 30-годишното грабање и цицање на државата, државните ресурси и институциите.

Што имате да им порачате на младите?

На младите можам само да им порачам да не паѓаат во дефетизам и нивните разочарувања да ги претворат во инспирација и желба за промена. Па има ли поголема инспирација за промена од она што го гледаме секојдневно околу нас? Ги охрабрувам и повикувам да се приклучат активно во нашата организација затоа што молчењето, непревземањето на акција ве прават соучесници. Знам дека нема да биде лесно, но апатијата и индиферентноста се контрареволуционерни.

Елитите баш тоа го сакаат. Пасивна младина која не верува дека може да промени ништо и во овие години за жал успеаја да создадат таков мит, дека што и да правиш е бадијала. Епа не е.

Дајте да бидеме бунтовни, да се сплотиме заедно и наместо тоа што го сакаат, да добијат младина која ќе биде двигател на промените, главен коректор и стожер на Македонија. Дојдете со нас и не очајувајте, затоа што на крајот, сепак ние ќе победиме!

  • Интервјуто го спроведе Александра Субашиќ

Интервјуто изворно прочитајте го на следниов линк.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ