Ванковска: Јас сум за евроинтеграција, но на сосема поинаква основа

01000000-0a00-0242-e6a1-08dc53d26529_w1023_r1_s

Ризиците по безбедноста на државата немаат никаква врска со „руско влијание“, смета претседателската кандидатка Ванковска. Таа се залага за евроинтеграција, но моментално ЕУ ја оценува како „филијала на НАТО“. Прашањето за промена на Уставот, пак, според неа, е само уште една лажна теза во духот „само што не сме влегле во ЕУ“.

За првпат на гласачко ливче за претседателските избори закажани за 24 април ќе се најде кандидат на Левица, Билјана Ванковска. Во конкуренција има шест кандидати од кои вели дека „суштински се разликува во неколку димензии“.

Ванковска е доктор на правни науки и редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Предава на тамошниот Институт за безбедност, одбрана и мир, а во нејзината биографија Левица наведува дека е „една од најцитираните и најобјавуваните научни работници од Македонија од областа на општествените науки“. Се нотираат и нејзините учества во протести и иницијативи, како што се оние против изградба на црква на плоштадот во Скопје, против полициската бруталност, против ограничувањето на правото на абортус, како и против Преспанскиот договор и промената на Уставот…

Во интервју за Радио Слободна Европа, Ванковска ги споделува нејзините ставови за евроинтеграцијата на земјава, за членството во НАТО, за руското влијание, борбата против корупцијата…

По десет години откако имавте обид да влезете во претседателската трка како независна кандидатка, сега излегувате на избори како кандидатка поддржана од Левица. Што добивате од учеството на претседателските избори ако анкетите и досегашното искуството од претседателските избори покажуваат дека најголеми шанси за победа имаат кандидатите поддржани од двете најголеми политички партии?

Вашата споредба на она од пред 10 години и ова денес, како што покажува политичката пракса и недемократската поставеност на изборниот систем, е апсолутно несоодветна. Со сопствен пример докажав дека системот е скроен за елити и за организирани субјекти. Пораката беше примена: еве ме сега на гласачко ливче. А десет години подоцна, светот е во најдраматичниот момент од своето постоење, а Македонија на чекор до целосно разурнување. Активниот политички ангажман е императив, и за мене и за секој граѓанин на Македонија. Не влегувам во трка за да добијам јас, туку за да добие Македонија со оттргнување на маглата од пред очите, медиумската и политичка пропаганда која им ги пере мозоците на граѓаните сведувајќи ги на пасивни посматрачи на еден Титаник кој тоне. Вашето тврдење за двајцата фаворити е токму еден од примерите преку кои (не)суптилно на јавноста ѝ се праќа погрешна порака дека наводно немам никакви шанси со вакви наводни фаворити.

Граѓаните ќе можат да заклучат од моето однесување, програма и аргументација дека многу се разликувам суштински од сите шестмина кандидати, и тоа по неколку димензии. Иако пропагандата ќе продолжи да ги фаворизира бр. 1 и бр. 2 на гласачкото ливче, јас мислам дека бр. 5 совршено ме одбележува: асоцира на ѕвезда петокрака, срце спремно да се бори со фаворити и машинерии, и здрав разум со кој ќе допрам до сите граѓани кои таму длабоко знаат дека ја говорам вистината, ама тие не се осмелуваат или немаат како да го кажат тоа. Гласањето, за среќа, е тајно. Изборите се нашата „мала“ револуција со која можеме да направиме пресврт во она што веќе се сервира како „готова работа“. Не е.

Дали цврсто се залагате за членство во ЕУ и како Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите со Унијата, односно кој е Вашиот став за отворање на Уставот, во тој контекст?

Ова прашање треба да му се постави на Брисел, ама и на нашите божем добри соседи. Веќе четврт век не е прашањето дали ние „цврсто се залагаме“ за ЕУ, туку дали ЕУ воопшто има намера да се проширува. Зошто во нејзините акти пишува за некакви европски вредности, кои таа самата ги гази (кон нас врши културен и идентитетски геноцид, а во Газа поддржува и еден фактички)? Чуму Копенхашки критериуми, кои самата не ги почитува, во случајот на Украина или БиХ, на пример? Зошто ваков однос кон Македонија?

Сето ова се реторички прашања, за кои одговорот сам се наметнува. Оваа ЕУ не е онаа од 90-тите (иако и тогаш си беше економски/капиталистички проект, а не зона на човекољубие и правда). Оваа ЕУ е веќе филијала на НАТО; милитаризирана, социјално разнишана и немирољубива. Јас сум за европски интеграции, но на сосема поинаква основа: социјална правда, интернационализам, хуманизам, солидарност со најслабите и најсиромашните, еднаквост на државите и народите. Затоа сум дел од движењето ДиЕМ25 и многу се сложувам со она што го зборуваат Варуфакис и другарите. Прашањето за промена на Уставот е само уште една лажна теза во духот „само што не сме влегле во ЕУ“, „само уште премабулата“. Јас на бајки и на лажги не верувам. Уставот е светиња и мора да биде наше сопствено дело, наш општествен договор, а не тефтер за националистички желби на туѓи држави.

Во вашите јавни настапи не ја криете Вашата анти-НАТО позиција. Која алтернатива вие и Левица ја предлагате од аспект на безбедноста?

Ајде да почнеме обратно! Како тоа оној НАТО кој требаше да ни даде „тапија“ на државноста, да донесе економски прогрес и владеење на правото и демократија, одеднаш нè доведе во ситуација да се плашиме за својата безбедност? Како тоа ние од „оаза на мирот“ во 90-тите, станавме воена колонија? Зошто сме сега преокупирани со воени прашања, купување оружје, кое го испраќаме во Украина, а деца лечиме со СМС пораки и донации? Дали е тоа она што го очекувавме од НАТО (настрана што и име сменивме за воен сојуз)?

Нашата небезбедност доаѓа од империјалистичките амбиции на НАТО (поточно, на САД), но и од корумпираните елити кои се подготвени да нè продадат заедно со Криволак, за да тие уживаат во привилегии. Ние сме мирољубив народ, знаеме што е страдање во војни, сакаме мирољубива коегзистенција со сите (светот не е вестерн филм на „добрите“ и „лошите“ момци). Принципот на самоодбрана е впишан во Повелбата на ОН, ќе го одржуваме сопствениот систем на одбрана колку што ни е чергичето, без да си ги жртвуваме децата, а принципот на таа политика ќе биде во воената неутралност. Имајќи во вид кои ни се соседи, а сите тврдат дека е НАТО „доброто момче“, тогаш: кој ќе нè нападне?

Како ги толкувате наводите за руско влијание во Северна Македонија?

Токму како наводи. И тоа неосновани. Обично им се припишуваат на политичките опоненти и критичките интелектуалци и кругови. Со други зборови, приказните за „руско замешателство“ се дел на студеновоениот дух кој намерно се внесува, а практично значи „ако не ги прифаќате нашите барања и уцени, вие сте не само против нас, туку сте и за лошата Русија“, или Кина, која не ја ни спомнувате. Тоа се лажни дилеми и замена на тези со цел да се задуши слободата на критичко промислување за тоа каде одиме ние, ама и каде тргнал светот.

Наместо тоа, ние треба да се прашаме зошто немаме македонско автентично влијание врз водењето на јавната дебата, а особено на националната политика? Нам ни измислуваат страшила за да нè исплашат или дисциплинираат.

Интересно, никој не зборува за евидентното американско, па и европско влијание, а зборувам за такво влијание кое е на штета на македонските национални интереси. По 30 години исклучиво западно влијание, видете ја пустината на неолиберализмот, милитаризмот, корупцијата и транзицијата во која живееме. Тоа нè наведува да се сомневаме во правото да бидеме тоа што сме, да се срамиме од себе, па дури и да го мразиме сопствениот (божемен) национализам. Прашањето е: каде се слуша нашиот автентичен глас и интерес? Сигурно не од доминантните политички елити.

Кои се ризиците по безбедноста во земјава од руското влијание?

Опасноста по безбедноста немаат никаква врска со „руско влијание“, туку со глобалната милитаризација (заедно со милитаризацијата на регионот), но и еколошка девастација. Опасноста е глобална и се состои од трансформација на светот кој почиваше на темелите на Повелбата на ОН, кон нешто што западот го нарекува „поредок заснован на (западни) правила“, а наспроти Глобалното мнозинство. Крајно време е да ја видиме широката слика на светот кој станува мултиполарен. Западот ја губи хегемонската позиција и е подготвен да се бори за неа до последна капка крв на секој Украинец, Македонец, Албанец, па и Тајванец. Единствено здраворазумско решение, ама и решение засновано на меѓународното право е во дипломатијата, преговорите, прекин на огнот, осуда на геноцидот, свртување кон мирновремена соработка на различните системи и нации.

Како ја оценувате досегашната борба против корупцијата?

Вообичаен рефрен на ваквите прашања е констатирање дека ние сме најкорумпирани, граѓаните не им веруваат на институциите, особено на правосудните, итн. Резултатите од она што го нарекувате „досегашна борба против корупцијата“ е евидентно и за тоа не ви треба мојот одговор. Мене повеќе ме интересираат корените на оваа појава. Зошто политиката е корумпирана? Зошто земјата веќе 30 години ја водат неранимајковци? Зошто сето ова се случува под несомнено „западно влијание“ (кое е доминантно во поддршка на соодветни елити и инсталирање лидери, до создавање влади и избор на кадри, па до правење црни листи)? Одговорот е јасен: Западот е еднакво корумпиран, а тоа си го знаат тамошните граѓани.

Тој не е гадлив кон корумпирани политичари и без капацитети и без интегритет, затоа што тие се најдобрите вазали: ем лесно ќе ги купиш, ем ги чуваш во заложништво. Во академската терминологија го вртиме изразот „стабилократија“: одржување на ста