Карл Маркс
Епохата на капиталистичкото општество генерално се одликува со спротивставените интереси на две класи – класа на сопственици од една страна и наспроти нејзе класата на работниците, која под наем си ја продава работната сила токму на сопственичката класа. Судирот на овие две класи ја определува и дефинира класната борба. А класите се определуваат според имотната состојба на групите, а не според нивната, расна, етничка припадност, пол, сексуална определба и слично.
Жените – работнички во капитализмот се поробени од истите општествени услови; истите омразени окови како и сите работници. Точно е дека одредени аспекти од современиот живот повеќе ѝ натежнуваат на жената. Точно е и дека условите на наемен труд понекогаш жените ги претвораат од работничката класа во ривали кои се натпреваруваат меѓу себе, а и со мажите. Меѓутоа, во заедничката класна борба жените работнички не гледаат на мажите како непријатели и угнетувачи; напротив, тие ги гледаат мажите работници како нивни другари, кои со нив ја споделуваат секојдневната борба за преживување и заедно со нив се борат за подобра иднина.
Оттука родовата еманципација не е можна без класна еманципација, а класната еманципација не е можна во рамките на капитализмот.
Речиси една четвртина од жителите на Македонија тонат во сиромаштија. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, 455.600 лица во Македонија живеат во тешки услови, што е 21,9% од вкупното население.
Медицинските сестри се на првите борбени линии против пандемијата, изложувајќи се и себе и сопствените најблиски на ризик, но и покрај тоа тие се најдеградирани и најмалку платени… Нивниот труд беше „вреднуван“ со неплатени плати, неплатена прекувремена работа и прекинати договори. Голем дел медицинските сестри работеа и без договори, а медицинските сестри oд повеќе болници и здравствени домови ширум државата кои беа ангажирани со Договори на дело веќе извесно време се без работа.
Работничките по супермаркетите, по текстилните фабрики како и погоните на разните фамозни странски инвестиции, работат под услови кои се само современа верзија на условите под кои за колонијалните господари работеле робовите од земјите под европскиот колонијализам!
Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемува во последните 15 години, а ракот на дојка е меѓу најчестите причинители на смрт. Иако е предвидено болните од рак да не плаќаат за прегледи, сепак во реалноста никој не поминал без да плати. Инциденцата на карцином на дојка е во пораст и секоја осма жена е заболена од оваа тешка болест. Болните од рак на дојка чекаат со месеци за да закажат контролни прегледи преку „Мој термин“, што значително ги намалува нивните шанси за победување на болеста.
Катастрофалните земјоделски и социјални политики особено ги погодуваат руралните жени, кои водат мачен живот, имаат ограничена понуда на јавни, социјални и здравствени услуги и живеат во сиромашни услови, и имаат ниска стапка на вработеност а никаков стимулс за земјоделско производство, напротив, преку принципот на „слободен пазар“ зелената трговска мафија ги собира плодовите на нивниот труд.
И на крај, цената на производи важни за секоја жена, како што се средствата за хигиена и интимна нега, претставува огромна бариера за пристап до хигиенски влошки, тампони и други комерцијални хигиенски продукти за менструација кои се неопходни за секоја жена. Поради тоа што овие производи не се третираат како повластени производи, претставуваат и голем финансиски товар врз жените, што дополнително го ограничува нивниот пристап до образование, работни места и нормално секојдневие за културно-социјална еманципација и спортско-рекреативна активност!
Свесни дека една бизнис ориентирана влада каква што токму е Владата преводена од пазарџиско-тезгашките социјалдемократи, ни одблиску не е способна да го разбере проблемот на родовата еманципација, а уште помалку пак да спроведе политики за негово решавање, предлагаме да бидат превземени конкретни мерки, кои барем малку ќе го олеснат финансискиот товар од плеќите на сите жени во Македонија.
Имено, потребно е Владата под итно целосно да ги ослободи од било какво оданочување како и да го ограничи профитот при нивна продажба на сите производи кои се однесуваат на хигиена и интимната нега на жената и истите да ги направат што подостапни за сите.