Пред 160 години, на 24 јуни 1861 година, во Загреб излегува од печат Зборникот на народни песни, епохално дело на струшките браќа Димитар и Константин Миладинов, македонски преродбеници од 19-ти век.
Зборникот содржи 662 народни песни, народни преданија за лица и места, стотина гатанки, педесетина половици и приговорки и над 400 имиња и презимиња.
Предговорот кон Зборникот на народни песни е приредувачки и толковен коментар кон неговите содржини. Приредувачкиот коментар прецизно ги изложува податоците за соработувачкиот тим на кажувачките од една страна, и запишувачите, од друга. Наведени се имињата на кажувачките на македонските народни песни од кои се чуени најмногу песни (Депа Кавајова од Струга и Ѓурѓа Котева од Прилеп), а искажана им е благодарност и на Рајко Жинзифов, кој ќе им помогне на браќата во запишувањето на народните песни од Македонија.
Зошто е толку важен овој зборник? Затоа што со овој зборник се пробудила националната свест кај македонскиот народ, се афирмирал македонскиот народ како посебен народ со своја традиција, обичаи и историја, се афирмирал македонскиот јазик како посебен и се истакнувале творечките и духовните вредности на народот.
Интелектуалното и културното творештво на македонските просветители е наследство со кое се задолжуваат идните генерации – на патот кон афирмирање и оплеменување на македонската култура и јазик.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО СТРУГА
24 јуни, 2021