МАНИФЕСТ НА ОБЕСПРАВЕНИТЕ И ОСИРОМАШЕНИТЕ ГРАЃАНИ

levica-zname

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Македонското општество веќе 26 години пропаѓа, а одговорноста за распадот е кај криминалните политички и бизнис елити. Во последните неколку години се повеќе паѓаат маските на елитите. Тие не сакаат да има подобар живот за мнозинството граѓани, а кризите што ги предизвикуват го погодуваат обичниот човек!

Последните случувања во македонското општество ни потврдуваат дека елитите воопшто не се грижат за доброто на сиромашните и обесправени граѓани. Тие не се двоумат да го подгреваат национализмот и да калкулираат со нереални барања/потреби на граѓаните, со цел да си ја зачуваат и подобрат својата позиција.

Во целава хистерија и лудило се заборави на потребата од суштински промени за подобрување на животот на граѓаните, како и прогонот и осудата на криминалните политички и бизнис елити, кои 26 год пустошат кај нас.

Левица им порачува на сите политички и бизнис елити дека ќе се спротивстави на секоја идна власт која има за цел да амнестира криминалци и да профитира врз грбот на понижените и угнетени граѓани!

Неможејќи да ги трпиме манипулациите на елитите кои ни сервираат приказни за одвлекување на вниманието од суштинските проблеми на населението на оваа земја, одлучивме да го напишеме овој манифест, во кој ќе ги поставиме основите на идната борба на Левица:

  1. Нема да толерираме национал-шовинизам претставен како слободарски крик на било која етничка заедница. Нема да толерираме квази мултикултурализам кој служи за амнестија на еден дел од криминалната довчерашна власт. Единственото место во кое треба да бидат криминалците кои го загорчиле животот на народот е во затвор!
  2. Левица се спротивставува на практиката од Пржино 1 и 2. Сметаме дека новото општество за кое се боравме не смее да се гради врз нетранспарентност. Затоа го повикуваме СДСМ во целост да ги објави договорените точки за идната влада. Повеќе нема да толерираме договори и преговори зад затворени врати, договори со кои се решава иднината на ова општество. Бараме целосна транспарентност!
  3. Им порачуваме на криминалците дека до последен здив ќе се бориме правдата да биде задоволена, а украдените пари да се вратат. Нивните бедни обиди за подгревање на национализмот, наводно спротивставувајќи се на барања и услови кои тие претходно ги прифатиле, се провидни. Глумата на автократот, кој се труди да се прикаже како жртва е смешна и јасно е дека станува збор за очаен обид за спас на сопствената кожа.
  4. Ова општество е градено врз антифашистичката борба, наследството на партизаните т.е. во него цврсто се вградени вредностите на антифашизмот. Затоа на фашизоидните творби како Македонските патриотски здруженија им порачуваме: „НЕМА ДА ВИ ПОМИНЕ“, „NO PASARAN“. Нивниот фашизам завиен во наводен патриотизам, брзо ќе биде разобличен. Дискриминацијата врз социјална, национална, религиска, родова и сексуална припадност повеќе не поминува.
  5. Левица ги отфрла сите мантри на елитите, кои служат за замајување на народот. Празните зборови и концепти без суштинско значење се со единствена цел да ја одржат привилегираната положба на бизнис и политичките елити. Не ги прифаќаме демагогиите од типот: “државен и национален интерес“. Левица својата борба ја темели единствено врз општествениот интерес, интересот на заедницата и на сите нејзини членови, а не интересот на малкумина!
  6. Левица силно ги поддржува синдикатите и цврсто застанува зад нивната борба. Ги охрабруваме вистинските синдикалци во нивната борба за враќање на синдикатите во рацете на работниците. Ги охрабруваме сите работници кои штрајкуваат во овој период до крај да издржат во нивната борба и да не попуштаат пред газдите. Време е синдикатите да ги организираат работниците за никогаш повеќе да не веднат глава пред газдите! Доаѓа времето кога достоинството на работникот ќе се почитува, а за тоа најзначајна е борбата на синдикалците за ослободување на синдикатите. Исто ги охрабруваме синдикалците да ги постават синдикатите на изворните заложби на работничките движења. Ги повикуваме заедно да изградеме силно работничко движење кое ќе се спротивстави на интересите на богатите, а ќе го штити интересот на работниците и народот.
  7. Политичката криза во Македонија се набљудува и делумно има интервенции од страна на меѓународната заедница, која има цел и задача да ги штити првенствено своите интереси. Не ретко, отворено, или заткулисно, притисоците на тн. Меѓународна заедница се сомнителни. Нивната агенда, без разлика на  центарот на моќ, не смее да биде водилка за локалната политика. Економските и безбедносни интереси на странските сили се подјарамување на овој народ во должничко ропство, одржување на граница на преживување со мизерни плати, а во исто време поле на контролирана стабилност со локални марионетски влади. Не треба да се има бланко доверба во намерите на Западните сили за просперитетна Македонија, а ниту пак да се има доверба во Русија или Турција, кои декларативно се залагаат за неповредливост на суверенитетот. Бараме прекин на преговорите за влез во НАТО пактот, чиешто членство е условено со промена на името на државата! Правото на самоопределување мора да се почитува! За името можат да одлучуваат само жителите на оваа земја без разлика на верска и етничка припадност.
  8. Крајно време е да ги разобличиме општествените односи. Се’ поочигледно е дека на бизнис и политичките елити не им е дојдено до доброто на народот, тие се грижат само за своите профити. Како што видовме низ сите овие случувања и низ Пржинските преговори, за судбината на овој народ одлучуваат само малкумина, зад затворени врати. Тие не го знаат горчливиот вкус на сиромаштијата, не ја осетиле неправдата на институциите врз своја кожа. Тие никогаш не ја напуштиле удобноста на нивната положба. Како можат тие да одлучуваат во името на некој кој страдал и со труд и пот печалел за корка сув леб, додека тие јаделе колачи и кавијар, врз неговиот грб! Време е да го кренеме нашиот глас против нивната игнорантност, ароганција и безобразие! Време е да им кажеме дека повеќе не можат да одлучуваат тие за нашите животи! Левица е тој глас, гласот кој на  милионерите ќе им ја соопшти реалноста дека опљачканите и обесправени нема повеќе да веднат глава пред нивната ароганција и измама. Тие доаѓаат по своето! Тие од корен ќе го растресат ова закоравено општество, ќе ја згазат неправдата борејќи се за заедничкиот интерес и права на сите нив, борејќи се за правда. Време е да ја преземеме контролата на нашите животи во наши раце!

Долу тиранијата!

Долу елитите!

Слобода, еднаквост и правда за сите!

8ba4c490 659c 4cb3 8c03 b39daf1b019e

 

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ