Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Приватицазија на ХЕЦ „Чебрен“ е еднакво на национално предавство

Министерот за животна средина Насер Нуредини информира дека напреднала погубната постапка за издавање на концесија за изградба на ХЕЦ „Чебрен“, во јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ, потег со кој дополнително се поткопува самостојноста и независноста на Македонија.

Локацијата која се дава на странски инвеститор е последната сериозна позиција за изградба на рентабилна хидроцентрала и истата е од суштинско значење за Електроенергетскиот систем на државата.

Во неколку наврати, политичката партија Левица апелираше да се прекине со оваа постапка и државата самостојно да го изгради овој електроенергетски објект, бидејќи давањето на оваа локација на странски инвеститор, под плаштот на јавно приватно партнерство, е рамно на национално предавство.

Во време на енергетска криза, отуѓување на секој потенцијал за државно производство на електрична енергија е дело против државноста и самостојноста на Македонија.

Владата на Ковачевски наместо да ги превенира последиците од енергетската криза која ни следи, упорно го крчми нацоналното богатство на Македонија и го празни државниот Буџет, под изговор дека ги санира последиците од недостатокот на електрична енергија и природен гас.

Левица партија го прашува Ковачевски и неговите министри:

1) Што санираа и превенираа во однос на енергетската криза во овие две години, а за тоа до крајот на годината ќе потрошат скоро една милијарда евра народни пари, вклучително и поскапувањето на струјата за граѓаните?

2) Поради високата цена на електричната енергија на слободниот пазар, сите државни и јавни претпријатија, како и школи, општини и други институции се пред финансиски колапс.

Истите тие купуваат електрична енергија од приватни компании, а трошат буџетски пари.

Зошто ЕСМ Трговија, во сопственост на ЕСМ, односно државата, не учествува на тендерите на овие институции со пониска цена од приватните компании, како во случајот со Универзалниот снабдувач, со што буџетските пари ќе се вртат во државни компании и државата ќе има можност да ги помага преку субвенционирана струја своите институции?

3) Зошто во време на енергетска криза, кога цените на електричната енегија достигнуваат и до 800 евра за мегават час, дозволува раскинување на договорите со електраните кои користат повластена тарифа, а цената на таа енергија е околу 100 евра за мегават час – кога се знае дека години на назад истите тие профитираа на грбот на граѓаните кога на пазарот просечната цена на струјата беше под 50 евра, додека истите наплаќаа по гарантираната цена од околу 100 евра за мегават час?

4) Како и под кои услови “човек” фирми стануваат главни добавувачи на државната ЕЛЕМ (ЕСМ) и ги добиваат сите милионски тендери за увоз на струја, мазут, јаглен и тн.

На овие и на ред други прашања, сакале или не, Ковачевски и неговите министери ќе мора да одговорат, а дали тоа ќе се случи сега или пред судовите после промената на власта, тоа ќе покаже времето и резултатите на следните избори.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

09.09.2022г.

Најнови објави