Левица бара безусловна и неотповиклива оставка на Републичкиот Јавен обвинител, Љубомир Јовески, кој е заштитник на нечовечната и криминална влада на двоецот СДС-ДУИ!
Оставката на Јовески е неопходна, не само за враќање на минимална доверба во работата на Јавното обвинителство, туку и овозможување на објективна КРИВИЧНА истрага за злоупотреба на службената положба против овој владин послушник.
Сведоци сме дека под раководство на Јовески, Јавното обвинителство отворено ги штити политичките и бизнис елити, одговорни за најголемите трагедии во историјата на Македонија со огромен број човечки жртви. Ваквото корумпирано работење на Јавното обвинителство ја загрозува функционалноста на државата и овозможува корупција од неподносливи размери!
За случајот со модуларната болница, сѐ уште Јовески нема одговор зошто се ПРОБИЕНИ роковите на истрагата за спроведувањето на јавните набавки! Нема ниту одговор зошто ангажираниот вештак, во случајот со модуларната болница, истовремено е член на надзорниот одбор во Мепсо и кои се неговите врски со власта?!
Но, покрај ОЈО, пресудна е улогата на на судијата Јордан ВЕЛКОВСКИ од Тетово во случајот со модуларната болница. Имено, наместо докрај да се разјасни причинско-последичната врска за настанатиот пожар и да се сослуша германскиот вештак, судот по инсистирање на обвинителство не го дозволил тој вербален доказ.
За неговата послушност, анти-македонската влада го награди Јовески со кандидатура за уставен судија, каде што би продолжил со неговата корумпирана работа во нова улога – да го разбие и уставно-правниот систем во Македонија и да оневозможува суштински реформи во правосудството.
Јасно е дека партиите на естаблишментот, кои егзистираат врз врските со крупниот капитал, ќе продолжат да ги штитат истите од кривичен прогон. Неказнивоста на компанијата на поранешниот вицепремиер – Кочо АНЃУШЕВ, докажа дека ниту човечки жртви не се доволни за олигаргхијата конечно да биде изведена пред лицето на правдата.
23.08.2023