(Видео) Апасиев: Партијата на Христијан Мицкоски со ново предавство на опозицијата – се согласиле во иднина сите закони да се шверцуваат со ЕУ знаменце

апасиев
  • Говор на претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев за измените на собранискиот Деловник:

„На дневен ред е новиот деловник којшто се планира да се донесе, ако не се лажам, до крајот на ноември месец и затоа јас, за разлика од професорката Силјановска, не се радувам многу на редовната постапка, бидејќи сметам дека е „ко божемска“, затоа што за еден месец вие веќе имате договорено прослава во „Жан Моне“ процесот.

Ние како Левица, свесно се самоисклучивме од овој процес, затоа што принципиелно е неприфатлив за нас, да имаме странски патронат за едно така значајно, внатрешно прашање. Тоа е исто како да прашуваме ние како дома ќе ни бидат уредени цвеќињата, каде ќе ни стои спалната, како ќе ни биде уредено вецето. Значи, повнатрешна работа од носење деловник, речиси и да нема.

Но, јас знам, на тие средби со странските амбасади, кадешто сте вие класични вазали, без оглед дали сте мејнстрим опозиција или власт, вас ве лажат дека, не СДС – ДПМНЕ ќе дојде на власт; не ДПМНЕ – СДС ќе дојде на власт. Затоа вие со нивен амин и благослов, се втурнавте во ваков процес, којшто, според наша проценка е душмански, антиопозициски. Таков е, затоа што сите мислите дека после наредните избори, ќе бидете власт.

Значи, суштината, мислам дека и јавноста е малку свесна за опасностите коишто се носат, затоа што ова е, горе-долу, висока политика. Тука граѓаните не ги интересира. Меѓутоа, во суштина, парламентот, со овој деловник се претвора во една бирократска машина за штанцање на лоши закони. Интенцијата е пратениците да станат обични чиновници, кадешто ќе им се мери времето, ќе има рокови, денови итн. Настрана тоа што е технички слаб, како што напоменаа и некои претходни говорници, тој е поголем по обем, но тоа не го прави подобар по квалитет и има повеќе реченици во еден ист став, нема наслови на членовите, што го прави тежок за снаоѓање и вештачка расцепканост, или вештачка споеност по членови.

Но, надвор од тоа, мислам дека суштина е што овој деловник не ги решава проблемите кои ние сме ги воочиле. Ние, како пратеници сме ги воочиле, без оглед дали од овој или од претходниот парламентарен состав и ги легализира истите тие. Што значи, во иднина ги перпетуира. Веќе зборуваше професорката за двојазичноста.

Двојазичноста се обидува до го озакони, да ја легализира дивоградбата на т.н. Закон за употреба на јазици, кој е објавен надвор од амандманот 5 на Уставот, бидејќи е објавен без потпис на претседател. Ние како пратеници Македонци, ги добиваме материјалите и на друг јазик, што е противуставно и претседавањето со комисиите т.е. со работните тела, исто и со пленумот, е на друг јазик. На ист Устав од ’91-ва до сега, од 2020г. е оваа пракса. Што значи, не можете вие на ист Устав, еднаш да е противуставно, друг пат не е противуставно да претседавате. Ова нѐ прави да не пости парламент во светот кадешто се претседава на македонски јазиј, а да постојат три парламенти во светот кадешто се претседава на албански јазик. Така што, ова е класично противуставно, кадешто претседателот со неговата дискреционост уште повеќе го проширува.

Следно е прашањето за знамињата кое никој не го прави. Овие знамиња, оваа кореографија ја нема во ниту една НАТО членка. НАТО е воена организација и ние имаме чувство дека сме под окупација со НАТО знамето коешто ни стои во позадина. Не постои парламент на НАТО земја-членка којашто го има НАТО знамето внатре во парламентот, бидејќи суверен е граѓанинот, а не амбасадата на НАТО.

Следно е дискрецијата на спикерот. Затоа ние велиме дека интенцијата е да се претвори парламентот во султанат, или „цезаропапизам“ го викале римјаните. Видете ја незаменливоста при свикувањето седници: потпретседател може во сѐ да го замени пртседателот, но не и во свикување седници. Зошто да не може? Или арбитрарноста којашто ние ја осетивме при проценка на граѓанските иницијативи, со тие каучок норми коишо се тегнат како сака претседателот. Сега, со новиот деловник, уште толку се прошируваат ингеренциите. Тој да може во иднина и комисии да свикува, значи се зголемуваат, наместо да се ограничуваат овие султанатски овластувања.

За верификазија на мандатите, нема уставен основ собранието да не верификува мандат. За разлика од приватното право, кадешто дозволено е сѐ што Устав и закон не е забрането, во јавното право кадешто спаѓа оваа верификација, обратна е филозофијата – дозволено е само она што е дозволено, сѐ друго е забрането. Не можете вие да измислувате уставен основ кој влече корени од делегатскиот систем кадешто ќе кажеме: „овој не ми се свиѓа“ и нема да му го верификуваме мандатот. Не постои таков основ којшто нас ни дава право да неверификуваме мандат на пратеник кој е здобиен на избори.

Следниот горлив проблем е неодзивањето на покани. Јавните функционери кои ние ги ставаме и кои се под парламентарен надзор за да работат совесно, чесно и одговорно, тие не ни доаѓаат на пратенички прашања, тие не ни доаѓаат на надзорни расправи, тие не ни доаѓаат на анкетни комисии и ние немаме никаков основ да ги санкционираме. Кога сме можеле во деловникот да му наредиме на премиерот да седи цел ден тука за пратенички прашања, и те како можеме да им наредиме на некои директорчиња, на некои обвинители да дојдат и да ни реферираат за тоа што сработиле.

Следно се пречистените текстови, кои веќе ги споменав во комисиската расправа. Ние стануваме фабрика за лоши закони. Колку повеќе закони, толку повеќе корупција. Имаме ситуации каде дваесет, триесет пати се менувани закони без обврска на законодавно-правна комисија да изготви пречистени официјални текстови, па затоа имате приватни правни друшта кои прават некои неофицијални пречистени текстови кои не им вршат работа на правниците и адвокатите кога ќе дојдат до суд. Затоа наместо „овластување“, треба да стои „задолжение“, дека закон кој е изменет повеќе од три пати треба да има пречистен текст.

Последното и многу важно, за јавноста да знае кое најголемата опасност од овој деловник, е тоа што парламентот практично го претвора во влада. Имено, озлогласеното ЕУ знаменце, сега се легализира. Шверцератот кој досега се правеше сега ќе се прави како нормална работа. Тоа значи дека во иднина сите закони ќе се носат како сегашните, со ЕУ знаменце. Тоа е парализа на парламентарната демократија и јас тука ја гледам вината на сегашната мејнстрим опозиција, којашто изврши, малтене, предавство на опозицијата, затоа што нивната одвратна десничарска кусогледост, тие не гледаат дека практично учествуваат во сите процеси кои се штетни. Исто како што учестуваа во пописот, исто како што учествуваа во илегалната двојазичност која ја прифатија, исто како што учестуваа во двојазичните униформи кои никако да ги оспорат – тоа било дефокус на Левица, исто како што учестуваа во саботирањето на опозициските протести за онкологија, такашто и тука го гледам дилот помеѓу ДПМНЕ и СДСМ.

СДС веќе се декласирана партија, такашто за нив не вреди ни зборови да употребуваме, меѓутоа тука се гледа влијанието, односно договорот на ДПМНЕ со ДУИ конкретно во ситуацијава, за да донесат ваков одватен деловник којшто во иднина, на сите нас ќе ни се удри од глава. Верувајќи им на овие странци дека ќе ве донесат на власт, практично вие си пукате во колено и се оневозможувате понатаму да делувате како опозиција. Левица, со цел да не испаднеме дека сме само ние „црните ѓаволи“, не дава бланко поддршка и ќе учествуваме конструктивно со суштински амандмани и го почитуваме „бона фиде“ пристапот на претседателот којшто е „инконкрето“ и затоа подготвуваме амандмани со кои ќе интервенираме во процесот на носење, во овој или во следниот месец.“

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

17.10.2023

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ