(Видео) Апасиев: Удавете се во септичката јама која самите ја ископавте – уставни измени нема да има

apasiev

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

  • Историски говор на претседателот на Левица – Димитар АПАСИЕВ на денешната собраниска Комисија за промена на Уставот

„Сѐ што денес зборуваме е обична козметика, затоа што влегуваме во еден лузерски процес, бидејќи вие навикнавте и сакате и нас како македонска нација да нѐ навикнете на ПОРАЗИ. Првично, наметнавте пораз со т.н. „Француски предлог“ за бугаризација на Македонија. Спортски кажано, вие, со министерот, изгубивте 17:2 во процесот. Независни германски експерти ви кажаа дека ова е чудо на бугарската дипломатија. Или како што велат антимакедонските кругови во Софија ова е смрт на македонизмот, бидејќи тука имаме спој на необализмот и неоврховизмот. На вас применуваат „салама тактика“. Не знам дали не гледате или се правите дека не гледате, дека ве сецкаат на парчиња, или италијански да се искажам: кокошка се кубе пердув по пердув. Дипломатски, жаргонски вие сте искубана кокошка во споредба со византиската, грчка или бугарската дипломатија, која ви направи хет-трик.

Следно, историјата влезе како дел од преговарачката рамка. Наместо да преговараме за Копенхашки критериуми, ние ќе преговараме каков бил Цар Самоил, каков бил Гоце Делчев, какво било Илинденското востание. И што е најтрагично, не обезбедивте државнички гаранции дека ќе нема нови вета. И тоа не само од Бугарија, која има уште 35 пати шанса да ни стави вето. Ќе ни стават и други земји. Вие сте недоветни да водите дипломатија и тоа треба да си го прифатите.

Следно, имаме унилатерална изјава за македонскиот јазик, званично архивирана во европски архиви, дека македонскиот јазик е ЗАПАДНОБУГАРСКИ ДИЈАЛЕКТ. Оттука, вие немате право да се нарекувате Социјалдемократски сојуз на Македонија! „М“-то станува СДС-Михајловистичка. Вие сте предводници на неоврховизмот заедно со бализмот во Владата. Вие не вративте век и пол назад, кога брат со брат се убивал, едниот се пишувал Србин, другиот Бугарин, третиот не знам што. Бугарски тајни служби ве работат, вие занемувате пред нив.

Никој не говори за правните последици, не е ова како што ни викавте: Бугарите ќе ги внесеме и тоа е тоа. Не е така. Ние немаме граѓански концепт на држава, туку имаме етнички, трибалистички, заостанат, примитивен концепт на држава! Ние сме поделени на етнички групи и тие етнички групи имаат колективни права, за разлика во Бугарија каде што немаат. Ние имаме lex specialis за малцински права на тие заедници, кои имаат право на образование, за децата во струмичко да учат на бугарски јазик. Сега ќe се вадат нови бугарски пасоши – за 250 денари, како што Министерот за правда им овозможи. Ќе се овозможи радио и ТВ програма на бугарски јазик каде ќе се емитуваат документарци за како Гоце Делчев е Бугарин и како Илинденското востание е бугарско востание. Понатаму, поради славењето на празниците, ние во оваа држава ќе ја славиме Санстефанска Бугарија, во која е инкорпориран дел од Македонија, со Охрид како столица. Се предвидува државно финансирање на културни клубови како „Ванчо Михајлов“, „Цар Борис Трети“ или „Цар Фердинанд“. За на крајот да имаме и квоти за вработување и да имаме Рамковен за Бугарите како што имаме за Албанците. Ова се правните последици од вметнувањето на преамбулата на Уставот.

Се поставува прашањето, ЕУ наспроти Западен Балкан. Како што веќе ви кажав, не е само Бугарија пречка во решавањето на ова геополитичко прашање. Некои држави во ЕУ се против проширувањето на ЕУ во Западен Балкан, и тие го третираат како да е енклава – нѐ држат во зоолошка градина опкружени со држави во ЕУ, но ние не сме таму. Тука сметам на Босна и Херцеговина, на Косово, Црна Гора, Србија, како и ние самите. Во ЕУ се случува криза на лидерство, и тие не знаат кај тераат. Нема да биде единствена пречка бугарското вето, извесно следи и вето на Холандија, на Франција и на други земји од унијата. Видете ги проблемите со кои ЕУ се соочува, за граѓанската војна во Франција наспроти Алжирците, Тунижаните и Мароканците. Погледнете ја Фландрија која сака да се отцепи од Белгија, како и Каталонија од Шпанија. Во овој историски момент на ЕУ не и е дојдено до проширување, и затоа нашата генерација за жал никогаш нема да дочека влез во ЕУ. Го чекаме тој воз уште од кога бевме забавачиња и првачиња. Што ни направивте вие за возврат? Низа на капитулации. Анонимусни бирократи ни ги навиваат часовниците, и ни велат да го затнеме носот и да голтнеме! 

Колку пати ќе треба да голтнеме, премиере?! Четириесет пати Уставот го менуваме. Еве ја професорката која предава уставно право – нѐ учеа дека Уставот се менува со рака која трепери, со ум. Треба да визионирате, но што вие направивте? Четириесет амандмани имаме на Уставот: колку пати треба да голтаме? Голтавме за ФИРОМ, ајде за 6 месеци ќе беше, голтавме за знамето, за Рамковниот, за територијалната поделба, за Преспанскиот со кој станавме Северномакедонци, за илеганата двојазичноста без потпис на Претседателот, за добрососедство со некогашен окупатор и така понатаму… Колку пати ќе голтаме? Имате ли вие кичма и достоинство, имате ли национална гордост? Имате ли некој идентитет кој сакате да го заштитите?

Вие наметнавте лузерски менталитет на овој народ и затоа ќе си ја добиете историската шамарница на следните избори. Одродената политичка елита е најголем крвник на македонскиот народ. Нижете пораз до пораз, без визија за новиот мултиполарен свет кој геополитички се раѓа. Предадовте добиена утакмица: 4 од 5 постојани членки на Советот за безбедност на ООН, нѐ признаваа под уставното име. 150 од 200 држави на ООН исто така. Ние добивме пресуда во Меѓунарден суд на правдата во Хаг, но со заевистичката стратегија на „ол-ин“ отидовте за да изгубите. Вие сте недоквакани да водите држава и политика, немате антиципација и политичка мудорст да ги предвидувате штетните последици.

Илустративен е примерот со кипарските Грци, со кој Маричиќ е веројатно запознаен како нереализиран професор по меѓународно право – кога на кипарските Грци им понудиле ваков глупав предлог како овој што вие го прифатвте, и им кажале: „земи или остави“ и дека 100 години ќе чекаат да го решат спорот, тие одговориле мудри Византици: што се 100 години во споредба со вечната наша кауза?

Заради секое ваше историско понижување кое ни е сервирано како „земете или оставете“, сега треба да го делегитимираме овој процес во кој вие нѐ воведовте и во кој од утре ќе останете сами бидејќи никој од опозицијата нема да земе збор. Удавете се во септичката јама во која нѐ доведовте! Вие премиере, сте октроиран премиер, наметнат. Се обидов да Ве најдам на листата од 120 понудени пратеници на СДСМ во 6-те Изборни единици, но ве нема никаде. Вас никој не Ве гласал за да бидете премиер и сега под диктат подметнувате кукавичко јајце за уставни измени.

Во овој процес нема реципроцитет. За да ве фермаат потребен е реципроцитет. Еве два документи како илустрација за времето кога ние сме биле држава и кога нашите претходници од СФРЈ воделе држава, за тоа како изгледало. Ѓорги Димитров, еден комунист дозволи моштите на Гоце Делчев да бидат донесени во Скопје и прв дозволи Македонците во Пиринска Македонија да се изјаснуваат како Македонци. Во 1956 година е спроведен последниот попис на кој им е дозволено да се изјаснуваат така. Резултатите од овој попис во 1956 година велат дека, во околијата Сандански 89 отсто се Македонци, додека 7 отсто Бугари; во околија Петрич 82 отсто Македонци, 15 отсто Бугари; во околија Благоевград, поранешна Горна Џумаја, 52 отсто Македонци, 45 отсто Бугари; во Разлошко 49 отсто Македонци, 39 отсто Бугари; во Гоце Дечлев 45 отсто Македонци, 40 отсто Бугари; во округ Благоевград 63 отсто Македонци. Ние таму каде реално има Македонци не правиме ништо, а овде каде реално нема Бугари се случува ова. Колку имаме Бугари? Има колку да ги ставиме на еден концерт на Рибља Чорба да ги собере. Тука креираме вештачко бугарско малцинство со образложение дека тоа не е ништо страшно. Како не е страшно? Имаме 16 пресуди од Стразбур, од Европскиот суд за човекови права, за вие да немате ни една дипломатска нота со која барате признавање на овие пресуди, наводно за да не се мешате во нивната внатрешна политика. Да не се мешате, а во прашање се нашите сограѓани во Пиринска Македонија.

Промовирате историски ревизионизам кој е погубен и го пере мозокот на нашите дечиња кои учат со лажни учебници, коишто историски комисии ги пишуваат за каков бил Цар Самуил, а каков Гоце Делчев. Од позиција на сила сме наметнувале услови, а не сега да бидеме понижени и навредени какви што сме со вашата дипломатија.

Ајде пак да се вратиме во времето кога имавме држава. Во 1947 година, извор: Министерство за народна просвета на НР Бугарија, во бугарскиот учебник по историја за 3-ти клас на страна 40 и страна 41, се вели: „Самоиловата словенска држава не треба да се претставува како Западна Бугарија. Самоиловата држава е предимно држава на македонските Словени, и така треба да биде претставена“. Ова е кога имаме држава и силна дипломатија, а не третокласни дипломати.

Дипломатијата цело време беше таинствена и ние не знаевме како пратеници и како орган кој вас ве контролира за што вие преговарете по ѓаволите. Целиот процес беше нетранспарентен, опозицјата исклучена, под странски диктат на туѓа држава која има територијални претензии спрема нас. Сега се освестивте без двотретинско мнозинство, па сега ќе подадете рака на опозицијата. Касно е сега, готово. После свадба – тапани. Помина возот.

На крајот, бидејќи сме етничка држава, доаѓаме до суштинското прашање, а тоа е дека Министерот за надворешни работи во овој историски момент не смее да биде Албанец, затоа што се преговара за македонскиот ентитет и идентитет. Нему ништо не му значи. Ништо не му значи македонскиот идентитет. Ништо не му значи, бидејќи е изразен сецесионист. Тој сонува за друга држава, не за нашата. Оттука, етничкото прашање мора да остане во доменот на етничкиот народ кој е доминантен, а тоа е македонскиот. Византија опстоела 10 векови поради тоа. Не можете да велите дека Македонците не можат да се мешаат во албанските национални прашања, но вие можете да ги шиткате македонските национални позиции. За македонските национални прашања можат да преговараат само Македонци. 

Сега доаѓаме, и со тоа ќе завршам, на историската улога на левицата во процесот – не само на нас како Левица, туку општо на левицата. Се наоѓаме во момент на идеолошки банкрот на буржујските партии и оттука историска нужност е појавувањето на нова левица, бидејќи историски се покажало дека самоорганизираната работничка класа е државотрворната. Не овие корумпирани елити, не овие бизнисмени, не овие недоквакани нереализирани професорчиња – само работничката класа е државотворна! Тоа го покажавме на АСНОМ, тоа ќе го покажеме пак. Почитуван премиере, децата на транзицијата која вие ја започнавте за да нѐ ограбите, пораснаа и ви дишат во врат. Сега сме двајца, но на следните избори ќе бидеме двоцифрен број. Ние тоа го правиме, конечно сме внатре и инклинираме кон македонизмот. Да не беше Левица, сѐ досега ќе шитнавте. Левица го направи македонскиот патриотизам повторно кул. Левица е новата генерација на македонските неподмитливи политичари којашто ја воскресна чистата совест на нацијата. Затоа, Левица ќе ви пресуди вам како социјалдемократи на наредните избори. Ние повторно ќе ја воскреснеме Републиката – затоа македонски народе, не паѓај во духот! Овие квислинзи ќе завршат на буништето на историјата, додека некои од нив и во затвор, верувајте.

Повторно ќе се роди новото сонце на слободата, а уставни измени нема никогаш да има!“ 

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
25.07.2023

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ