Димитров: Културна ентропија

тони димитров

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Покрај спојувањето на неспоиви предмети во образованието со цел нивно бавно згаснување, деновиве е актуелно и дополнителното еродирање на образованието преку укинување на политички неподобни лектири, литература или автори. Веќе ни е јасно дека ова е тенденциозен напад не само врз образованието и историјата, туку и врз свеста на младите во Македонија генерално. Колку побрзо се намали или супресира сеќавањето, толку побрзо ќе ја реализираат намерата за идентитетско обезличување, преку создавање на необразована младина која лебди во некој анационален и безисториски вакуум.

Истото, можеби и повеќе, се однесува и на културата. Веројатно помалку забележливо, затоа што методите се посуптилни, но интензитетот и последиците ќе бидат подрастични, веројатно и подолготрајни, со тоа директно атакувајќи кон темелите на едно општество – образованието и културата. 

Информациите и вестите за проблемите во образованието се некако подостапни, но оние од културата, која скоро секогаш била на дното по политички интерес и финансии, остануваат да тлеат само во рамките на таа сфера, не добивајќи поголема видливост и внимание. Не знам колкумина од вас се свесни дека културните институции и градските културни установи буквално пропаѓаат. И физички и програмски. Со енормно мали буџети, без нови вработувања, осудени се да импровизираат во работата, полека но сигурно згаснувајќи. Проблемот е повеќеслоен, но за оваа прилика ќе се фокусирам на еден, вработувањата, за кој јавноста мора да биде запознаена. 

Националните културни институции и градските јавни културни установи со години немаат добиено ново вработување. За оние под централната власт, нема да дискутирам (иако ситуацијата е иста), но за градските јавни установи можам да зборувам во прво лице. 

Логично е кога еден вработен оди во пензија, неговата позиција по автоматизам да ја замени друг, според систематизацијата и потребите на таа установа. Така било отсекогаш. Но денес, не е се’ така едноставно. 

За тоа да се случи постои процедура, која освен систематизацијата и годишниот план за вработување (со број на потребните нови вработувања, планирани пензионирања или мобилност на вработените) потребно е да помине низ неколку филтри. Просто тоа изгледа вака. Најпрвин е филтерот на советот на град Скопје (во случајот со јавните културни установи), потоа следува Министерство за информатичко општество и администрација, па Министерството за култура, за конечно одобрување да даде Министерството за финансии. Планот за вработување за следната година обично ги поминува сите предвидени фази за да се објави оглас. Но, скоро без исклучок заглавува на последната, Министерството за финансии т.е. министерот Фатмир Бесими. 

Да појасниме: јавен оглас за вработување може да биде објавен само по добиено позитивно мислење за годишниот план од МИОА и по претходно известување за обезбедени финансиски средства за вработување на тоа работно место од министерството за финансии, односно од органот надлежен за издавање на финансиска согласност за вработување. 

Кои се причините за таквото негово однесување може да биде предмет на сериозна политичка дебата, бидејќи и консеквенциите од ваквото негово однесување се сериозни. Она кое прво паѓа во очи според репетитивноста и обемот на проблемот е дека ова е тенденција, а не случајност. 

Оттука (пред да преминам на политизација на прашањето) ги поставувам следните логични прашања, кои би му ги упатил преку оваа колумна лично на министерот Бесими, бидејќи не се одзва на барањето за средба: 

  • Зошто министре Фатмир Бесими ги блокирате вработувањата во културните установи? 
  • Зошто не се одобруваат финансии во јавните културни установи барем по основ на пензионирање? И што е најважно, каде се распределува личниот доход од пензионираниот кој е веќе одобрен (а ново вработување не се одобрува)?
  • Зошто и откако поминаа и ковид и финансиската криза (кои долго време беа користени како изговори), продолжувате да ја блокирате работата на културните установи преку неодобрување на нови вработувања, со што помалите од нив пропаѓаат, бидејќи клучни позиции одат во пензија, а нови, на нивното место не се одобруваат (каков што е случајот со Културно информативниот центар – Скопје за чиј пример конкретно ќе пишувам во некоја следна прилика)?
  • Врз кој основ ја носите одлуката дека колку вработени одат во пензија, толку ќе бидат вработени, а потоа и тоа правило кое сам го воспоставивте, не го почитувате?  Логично е доколку некоја позиција е неопходна за извршување на основната дејност, мора да се одобри вработување и местото да се пополни, за установата да може непречено да функционира. 
  • Зошто и при вработување на определено време (што понекогаш може да ја спаси ситуацијата) договор мора да се склучи повторно само ако институцијата обезбедила  согласност дека се обезбедени финансиски средства (член 22, став 13 од Законот за вработените во јавниот сектор)?  
  • Дали тенденциозно работите на тоа културата да се уништи? Прашањето е реторичко, бидејќи одговорот го наметнавме како теза од самиот почеток на оваа колумна. 

На оваа власт (ДУИ/СДС) евидентно дека културата и е последна во низата политички интереси, судејќи според резултатите. Просто затоа што културата го издигнува духот, а токму тоа е она кое ним им пречи. Точно е и дека неспособноста и сервилноста се нивното второ име, но овде се работи за добро осмислена стратегија, која ќе ја артикулирам преку неколку хипотези. 

  • Дали се чека голем дел од вработените да отидат во пензија, па установите спонтано да пропаднат (што и се случува), а потоа нивните згради евентуално да бидат приватизирани (на пример купени со криминални пари)? 
  • Дали се чека голем дел од вработените да отидат во пензија, ослободувајќи доволно позиции, кои во погоден момент ќе бидат пополнети по балансер, според неуспешниот попис (според Член 20а, став 5 од Законот за вработените во јавниот сектор)? 
  • Дали едноставно се врши (и не толку) суптилен културоцид, за да се задоволат соседските (читај европските) шовинистички политики, руинирајќи ја сопствената култура до комплетна ентропија?

Хипотезите се повеќезначни, а многу е веројатно и да се комбинирани. Но, повторно ќе потенцирам дека од самите резултати е видлив патернот на тенденцијата, наспроти случајноста. 

Културата не се само уметностите, туку и комплетниот начин на живот, вклучувајќи ги и верувањата, начинот на облекување, јазикот, религијата, ритуалите, нормите на однесување, како што се правото и моралот, системите на верување, традициите на популацијата кои се пренесуваат од генерација на генерација… Според тоа, да повториме, културата е темелот на општеството, па доколку дојде до реализација на оваа културна ентропија,  згаснување и затворање на културните институции, центри и установи, заедно со останатите аспекти на обезличувањето кое систематски се спроведува, ќе бидеме сведени на безлична аморфна маса, лесно подложна на асимилација која ќе се одвива без никаков отпор. Додајте ја на сето тоа и негативната селекција при вработувањата и поставувањата (пред се’ на раководните позиции и политичките функции), влијанието на медиумите, ниското ниво на културните индустрии и културата глобално, веќе еродираното образование…, и резултатот ќе биде неизбежен. 

Или како што вели Реј Бредбери: „Не треба да палите книги за да уништите култура. Само натерајте ги луѓето да престанат да ги читаат“. 

Автор: Тони Димитров – Координатор на Сектор култура

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ