Кираџиева: Системот ги остава на цедило жртвите на семејно насилство

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

При постапувањето за заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство, не се води доволно сметка од страна на сите надлежни институции, организации и здруженија за двата аспекти на заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство: кривично-правната и граѓанско-правната заштита. Затоа често има пропусти со спорото постапување, пропусти во почитувањето на пропишаните рокови за постапување и одолговлекување на постапките.

Иако постои Протокол за меѓусебна соработка на надлежни субјекти за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, за кој е потребна поголема информираност, поголемо запознавање и примена на неговата содржина од страна на сите засегнати страни и надлежни институции, сепак, при постапувањето со случаи на родово базирано и семејно насилство, сведоци сме на низа пропусти, кои резултираат со грозоморни резултати и за жал, многу висока стапка на фемицид во Македонија.

Во пракса, постапувањето е бавно, се одолговлекува времетраењето на постапката, со непотребно одолговлечена и неефикасна комуникација на сите засегнати страни без конкретна разумна временската рамка и почитување на пропишаните рокови за постапување. Воедно, недоволно е развиена соработка и комуникација меѓу надлежните институции за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство. Инфолвираните истакнуваат дека постои добра соработка помеѓу Центрите за социјална работа – ЦСР и Министерството за внатрешни работи – МВР, додека со другите институции соработката е слаба или воопшто не постои. Имено поради постапувањето на надлежните институции само во својот делокруг на работење, жртвите се изложени да го повторуваат и да го преживуваат насилството кога даваат изјави засебно, пред секој од надлежните институции.

Постои сериозен недостиг на стручен и соодветно обучен кадар во сите надлежни институции што континуирано работи на проблематиката семејно и родово базирано насилство, како и недостиг во бројноста на стручен и обучен кадар во МВР во одделот за семејно насилство кој има надлежност да постапува на цела територија на Град Скопје (според нашите сознанија, има само двајца инспектори за семејно насилство). Воедно, постои и сериозен недостиг од континуирана програма за едукација на сите професионалции, од сите надлежни институции кои работат со жртви на семејно и родово базирано насилство.

Од друга страна, нема соодветна информираност и поддршка на жртвите во целокупната постапка – од пријава до разрешница на случајот. Најчесто, присутен е ризикот за прекин на постапката и откажување од понатамошно постапување, покрај времетраењето е и економската зависност на жртвите (немањето сопствено живеалиште и извор на приходи, страв за себе и своите деца) што доведуваат до често откажување на жртвата во постапката, а со тоа и прекин на водењето на постапката.

Искуствата во работата со жртви на родово базирано и семејно насилство покажуваат дека има потреба за соодветно информирање и сензибилизација на здравствените и стручните работници во институциите за препознавање на психичкото насилство и постапување по истото.

Носителите на одлуки и останатите надлежни институции не ги препознаваат воспоставените практики и постоечките услуги како што се: советувалишта, прифатилишта и СОС линии за жртвите на семејно и родово базирано насилство, а слабата институцаионалната соработка за постапување за семејно и родово базирано насилство само дополнително го отежнува и онака тешкиот процес и стрес низ кој поминува жртвата на родово базирано и семејно насилство. Системот ги остава на цедило жртвите на семејно насилство.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ