Актуелниот градоначалник на Општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, минатиот месец има склучено договор во име на Општината, со што за одржување на машини-метларки, ќе исплати скоро 10 илјади евра народни пари на „БРАКО“, фирмата на Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер за економски прашања од Владата на Заев.
Овие метларки беа набавени од фирмата „Брако“ од претходниот градоначалник Златко Марин од редовите на СДСМ, а на жителите на општина Аеродром ги чинеа скоро половина милион евра, односно 480 илјади евра, за што тогаш следеа остри реакции од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Златко Перински од ВМРО-ДПМНЕ тогаш реагираше дека да се трошат половина милион евра за набавка на метларки, а инвестициите во борбата против загадувањето да се нула денари преставува расфрлање со парите на граѓаните. Токму ВМРО-ДПМНЕ неколку пати во минатото алармираше за судир на интереси и опасност од корупција за договорите склучени со фирмата на Анѓушев.
Јавно прашуваме, зошто градоначалникот Тимчо Муцунски наместо да иницира истрага пред институциите за контроверзниот договор склучен со фирмата „Брако”, како што бараше неговата партија – тој продолжува со исплати на фирмата на Анѓушев?
Иако Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ веќе девет месеци се власт во општина Аеродром, граѓаните немаат видено ниту една кривична постапка за претходното раководство на општината, и покрај многубројните пресови за криминали во Аеродром од страна на ВМРО-ДПМНЕ додека беа во опозиција.
Овој принцип на неказнивост и соработка помеѓу двете партии очигледно континуирано егзистира, додека парите од обичните граѓани се излеваат во приватни џебови блиски со секоја гарнитура на власт.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – АЕРОДРОМ
30.06.2022г.