(Видео) Мојсоска: Борбата на жената извира од социјалистичката борба

Jovana Јована Мојсоска

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Почитувани другарки и другари,

Драго ми е што имам чест да се обратам на ваков историски настан каде се поставува ‘ркулецот на левиот феминизам.

Тоа што јас сум единствена жена во највисокото партиско тело на Левица потврдува дека борбата за политичка еманципација на жената не е завршена и пред нас престои долга борба. Кога говориме за лев феминизам, ние не говориме за повеќе жени на директорски позиции кои ќе ги експлоатираат жените работнички. Ниту пак говориме за повеќе жени на министерски позиции од провиниенции налик на Шеќеринска и Царовска. Не говориме за жени-милионерки кои во нивната либерална матрица се одрекоа од антифашистичките темели на македонската држава во име на злосторнички воен пакт, пакт кој претставува реликт од Студената војна. Овие жени-милионерки го имаат своето место во партиите на олигархијата и како наш класен непријател, ја делат одговорноста за рушењето на сите придобивки кои жената работничка макотрпно ги стекна за време на Народно-ослободителната борба.

Ние тука говориме за економско и социјално ослободување на жената работничка, на жените земјоделки, на невработените жени, на сиромашните жени, на жените стечајки, ние говориме за ослободување на овие жени од стегите на суровите материјални околности: ослободување преку нивна идеолошка наобразба, еманципација и политичка активација во единствената работничка партија која конечно после три децении, изнедри од децата на транзицијата и направи тресок на политичката сцена.

Ние говориме за лев феминизам кој извира од антифашистичката борба на бројните жени народни херои, кои биле дел од заедничката борба за воспоставување слободна, независна, суверена и социјалистичка Република Македонија. Со орденот „Народен херој на Југославија“ биле одликувани 66 партизани родени во Македонија. Меѓу нив има и седум жени: 

  1. Вера Ацева (министерка во неколку влади на Македонија)
  2. Оливера Вера Јоциќ (на која е посветена песната „Очи“ од Ацо Шопов)
  3. Елпида Караманди
  4. Фана Кочовска-Цветковиќ (која е најмлад прогласен народен херој на Југославија)
  5.  Мара Нацева
  6.  Естреја Овадија-Мара (која загинува во 1944 година во близината на Кајмакчалан во борба со бугарската војска) и
  7. Ибе Паликуќа (која загинува во борба со балистите во 1944 година)

Како што говореше југословенската комуниста Ида Сабо: ,,На Југословенските жени никој не им даде рамноправност, но тие со нивното учество во народноослободителната борба, и тоа масовно учество – жените со оружје во рака, се избореа за својата рамноправност.”

На 14 декември 1944 година во Скопје се одржа конститутивната конференција на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија. Списанието „Нашиот пат“ од ноември 1944 година пишува дека дотогаш жената „не смееше да застане при мажите кога тие зборуваа, а денес во тие исти македонски села седи како рамноправна членка. Врвејќи по патот по кој оди целиот македонски народ во денешната народноослободителна борба, македонската жена доби полна рамноправност”.

DSC2903 scaled
Јована Мојсоска, генерален секретар на Левица

Но, дури и во НОБ македонската жена се соочувала со бројни предизвици, што резултирало со нејзино ограничена вклученост во партизанските одреди.

Како пример ќе го земам антифашистичкото движење во Егејска Македонија, каде со наредба од Главниот штаб на ЕЛАС, жените биле условувани да бидат над 19 години, да има писмена согласност од родителите односно од сопругот, да биде писмена и морално исправна. Но сепак, ниту ова не ги спречувало жените-борки да се приклучат на редовите на антифашистичкиот отпор.

Како што говореше македонската партизанка од Егејска Македонија, Вера Фотева:

,,Во тој период во сите пори на организацијата АФЖ и општо на Македонката, избиваше силен револуционерен дух, што ретко може да се најде споредба во историјата на женското движење општо земено во светот. АФЖ стана влијателна организација во чии редови бараа да се вклучат и Гркинки. На борбата жената ѝ даваше сѐ што имаше — својот дом, синовите, ќерките, мажот, своето срце и душа и не жалеше за жртвите зашто се надеваше на едно поубаво утре кога луѓето ќе бидат рамноправни и поправични.”

За теророт врз жената Македонка во Егејска Македонија, кој беше заборавен избришан со Преспанскиот договор, може многу да се говори. Теророт на монархофашистите, вршен над сето македонско население во Егејска Македонија, посебно го почувствува македонската жена, бидејќи била жив сведок гледајќи како домот ѝ гори, имотот ѝ се ограбува, а децата ѝ остануват гладни и боси, мажот пред очи ѝ го убиват, неа ja влечеа по затвори и ja понижуваат на најнечовечен начин. Податокот дека од февруари 1945г, па cè до почетокот на 1947 година биле силувани 737 жени и девојки — Македонки, укажува на неподносливата положба во коja Македонката се наоѓала. Тука се издвојува македонската хероина Ирина Гинова — Мирка која е типичен пример за херојско држење, не само во затворските подруми каде била ѕверски мачена, туку и за нејзиното држење пред судот и пред егзекуциониот одред, кога пред да падне од непријателскиот куршум извикува: Да живее НОФ и АФЖ, да живее Комунистичата партија на Грција!

Во денешниот контекст, АФЖ  е ркулец на левичарскиот феминизам, на феминизмот кој се бори за социјално и класно ослободување на жената, феминизам кој ќе треба торжествено да се спротистави на длабоко вкоренетиот либерален феминизам. И покрај силната институционализација на сороспискиот феминизам во изминативе 30 години, положбата на жената денес не само што не е унапредена, туку напротив – жената во денешното капиталистичко општество е во полоша положба отколку во претходниот систем на социјалистичкото уредување. Јасно е дека либералниот феминизам, во неговата ограниченост и површност, не може да го лоцира коренот на угнетеноста на жената. Тие не може да ги увидат недостатоците на воспоставените општестевени односи, кои извираат уште од бруталната транзиција и разграбување на општествениот имот, имот во кој жените-работнички го вложиле сиот свој животен век, за потоа брутално да бидат оставени на улица.

Либералниот феминизам не може да ја увиди контрадикцијата на капиталистичкото уредување, каде како што растеше и се акумулираше националниот доход, така се редуцираа работничките права каде жената работничка брутално беше и уште е екплоатирана во фабричките погони. И затоа драги мои, феминизмот не смее да биде оставен да го третираат либералите и НАТО-апологетите, затоа што феминизмот извира и се развил токму низ социјалистичката борба ширум светот.

Ние денес сѐ уште имаме во руралните средини девојки кои поради наметнати традиции, се спречени да продолжат со своето високо образование. Денес секојдневно читаме во дневните вести за брутални случаи на семејно насилство, каде институциите на прогонот целосно потфрлаат, а жените-жртви се оставени незаштитени од државата, што пак во иднина стимулира жртвите воопшто да не ги пријават случаите на насилство.  Дел од овие случаи сведоци сме дека за жал некогаш завршуваат и трагично, што укажува на неспособноста на институциите да се справат и да ги санкционираат насилниците.

Денес сѐ уште сме сведоци на мизогинистички и сексистички испади кои го релативизираат насилството врз жените. Залудна е било каква теориска и идеолошка поткованост, ако ние како авангардна партија не сме способни да ги препознаеме, да ги осудиме и да ги отфрлиме ваквите шовинистички елементи од нашите редови.

Јас лично АФЖ го гледам како иницијална каписла која ќе ги постави темелите на левичарскиот феминизам низ денешната призма на пост-транзициското капиталистичко општество. Фактот што жените сѐ уште се малцинство во Левица укажува дека имаме сериозна работа и предизвик пред нас. Иако во оваа соба се присутни најавангардниот и најеманципираниот дел од жените-Македонки, јас сум убедена дека надвор од партиските редови има широк неискористен женски потенцијал за инволвирање во заедничката борба, потенцијал  кој поради разни социјални, културни, образовни или екононски околности, уште не е охрабрен да се приклучи во партиската борба.

И од тука ми извираат главните цели на АФЖ за периодот кој ни престои. Првата цел е сеопфатна анализа на општествените фактори кои ја притискаат жената да биде на маргините на политичката борба. Тука се подразбира влијанието на економската положба на жената, како и културните, образовните, религиозните и општествените стеги кои нејзе ѝ се наметнуваат.

Втората цел е бескомпромисна борба против сите форми на стереотипи, предрасуди и насилство врз жената, со акцент на аномалиите на институциите кои очигледно не можат да се справат со сѐ позачестените форми на психичко и физичко насилство врз жените. Во овој контекст, сакам да го спомнам еден пилот проект на нашата советничка во општина Карпош, Ивана Стоименовска. На нејзина иницијатива во оваа општина се предвидоа дополнителни средства за психо-социјална поддршка за жени жртви на семејно насилство, со оглед на фактот што голем број жртви не се охрабруваат да говорат за насилството. Бројни се примерите каде жртвите кои се охрабриле да пријават закани и демнење наишле на бирократски процедури, а многу често ваквите насилници се заштитени од самата власт. Овој предлог на Левица е само мал чекор во справувањето со семејно насилство, а главниот фокус треба да биде на елиминирање на институционалните слабости, како измена на законската материја, олеснување на бирократските процедури, строги санкции за вработените во МВР при непостапување по пријава за семејно насилство, како и едукација на службените лица за пристапот со ваквиот тип на жртви.

И третата цел на АФЖ ја гледам во воспоставување партиска стратегија за мобилизација на жените во политичката борба на Левица, како единствена работничка партија која почива врз идеалите на АСНОМ. Клучен сегмент на оваа стратегија треба да биде идеолошка наобразба  и еманципација на жените дека само преку заедничка борба за отфрлање на постоечкиот систем кој почива врз нееднаквости – дека само преку таа борба жената може да ја реализира својата економска и општествена слобода.

И за крај, само ќе го цитирам поранешниот министер за надворешни работи на Југославија, Мирко Тепавац. Тој вели „За време на војната научив да ги почитувам жените. Видов многу мажи, и херои, но и кукавици. Но никогаш не сум видел жена кукавица.”

Драги жени, јас не знам како е да се бориш машки. Но знам дека е извонредно тешко жена да се вклучи во прљавата политичката битка. Но, кога една жена политички ќе се активира, таа во себе носи енергија и сила за двајца. Затоа драги членки, ви благодарам што во заедничката борба безрезервно носите пркос и жештина како за двајца.

Да живее Антифашистичкиот фронт на жени!

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

19.06.2023

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ