Левица – Кочани: Кочани во борба со бандит – буржоазијата за Мала Река

Левица Кочани Мала Река

Дејствувањето против волјата и интересите на жителите на Кочани не е новост. Кочанчани уште ја бијат битката со загадувачот „Пејпер Мил” кој нема што не се обиде, само за да продолжи со својата дејност, секако, со амин на надлежните институции – кои и предолго го толерираат начинот на работење за каков што споменатата фабрика ниту нема добиено дозвола.

Последните месеци излезе во јавност дека на ист начин, подмолно и потајно, со глумење наудреност и префрлање на одговорноста од еден до друг надлежен, се прави обид да се реализира изградба на хидроцентрала на Мала Река. Тајните дејанија за кои „никој ништо не знае“ станаа јавни во мигот кога на почетокот од годинава беше извршен немилосрден колеж на дрвјата долж течението на рекичката.

Надлежните во општината за случувањата дознале случајно (?!), по пријава на загрижен граѓанин, иако токму Советот на општината во два наврати (2015 и 2017 година) позитивно се произнесол во врска со ова прашање. Дополнително, општината, дури и по промена на владејачкото мнозинство, не чувствувала потреба, од 2017 година до моментот кога „дознале од загрижен граѓанин“, да преземе било каков чекор за отповикување и запирање на сите дејства во оваа насока. За сега, како „решение“ на проблемот да понуди забрана за движење товарни возила, во правец каде што е планиран зафатот!

Ако не беше трагично, ваквата лакрдија би била смешна, особено откако се обелодени дека на сметката на општина Кочани сепак имало прилив на средства по основ на концесија. Во меѓувреме, загрижени жители и еколошки граѓански здруженија најавија дека ќе бараат референдум за жителите да се произнесат во врска со ова прашање.

Левица, како политичка партија, која пред сè во фокус ги има интересите на човекот, а не на капиталот, сесрдно ќе ја поддржи таа иницијатива.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО КОЧАНИ
11 јуни, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ