Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    ПОДЕМОТ НА НОВАТА МАКЕДОНСКА ЛЕВИЦА: Интервју со раководството на Партијата Левица

    *Интервјуто е изворно објавено на италијанскиот веб-сајт www.sinistraineuropa.it, на ден 25 ноември 2021 година.

    Разговарал: Адријан Вотерс

     

    На 17 и 31 октомври оваа [2021] година се одржаа првиот и вториот круг на Локалните избори во Република Македонија – земјата во која, во последните неколку години, на националната политичка сцена сè поизвесно се наметнува растот на левичарската партија Левица. На овие избори Левица успеа да оствари извонредни резултати споредени со ние од пред четири години, кога беше само малку познато политичко движење. По Локалните избори во 2017, Левица имаше само три советници во цела Македонија, додека сега се вкупно 50. И покрај тоа што никој од партиските кандидати не успеа да влезе во вториот круг за избор на градоначалници, гласовите на членовите и подржувачите на Левица беа решавачки за победата на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, којашто освои 43 градоначалници (вклучувајќи го и оној на главниот град Скопје), наспроти 16-те на владеачката партија СДСМ. Три дена пред вториот изборен круг, Левица излезе со соопштение во кое индиректно се залагаше за задавање на решавачки удар на Владата предводена од премиерот Зоран Заев, одговорен, според нив, за многубројни злодела вклучувајќи ги: промената на името на државата наспроти волјата на граѓаните, учество во организиран криминал и корупција (како што беше документирано од италијанскиот дневен весник „Ла Верита“), неефикасно справување со пандемијата (коешто ја искачи Македонија  најгоре по смртноста од Ковид-19 во цела Европа), како и демонстрирање на авторитарни тенденции својствени за хибридни режими (што веќе се рефлектира на демократскиот индекс на земјата). Оваа нивна одлука го покажува прагматичниот однос на Левица во кој идеолошките разлики со демохристијанската ВМРО-ДПМНЕ како десно лоцирана партија, беа ставени на страна, а сѐ со цел да се победи актуелниот заеднички противник.

    По изборниот пораз, премиерот Заев најави оставка и од премиерската и од лидерската функција во СДСМ. Засега ја даде само втората, а за првата ќе почека додека партијата не избере негов наследник. Во моментов не се исклучува можноста за предвремени парламентарни избори, земајќи во предвид дека владиното „мнозинство“ е многу несигурно. Секако, Левица од незначајна политичка сила прерасна во значаен македонски политички феномен! Ова секако се должи на харизмата на нејзиниот лидер – професорот Димитар Апасиев, кој заедно со новоизбраниот член во Советот на Град Скопје – Реџеп Исмаил Хактан, се согласија да ни одговорат на неколку наши прашања.

     

     1. Кои се факторите кои допринесеоа за растот на Левица во изминативе години?

    Растот на Левица пред сè се должи на нејзините јасни идолошки позиции преку кои ја оценува постојаната политичка, економска и социјална реалност на Македонија. На сето ова се надоврзува и компактноста на раководството на Левица, кое е сочинето од долгогодишни активисти кои многу пред формирањето на Партијта, заедно политички созревале обсервирајќи ги политичките состојби низ кои минувала Републиката. Секако едни од поважните фактори за растот на партијата се и континуирано влошување на животниот стандард и се помалото чувство дека постои правда во државата, губење на довербата во етаблираните политички партии, како и револт кон неправдите наметнати однадвор кон Македонија и македонскиот народ – сите елементи кои Левица ги таргетира и првенствено ги третира.

    2. Каква е политичката и општествена ситуација денес во Македонија, во споредба од периодот кога Левица беше основана?

    Суштински, единствената разлика е влезот на Македонија во НАТО пактот и зголеменото вазалство на домашните политички фактори кон странскиот фактор; додека на социјално ниво, сè поголемото чувство на несигурност, неправда и безнадежност, т.е. разочараност од статус-квото. Една од подрастичните промени е и тоа што во последните неколку години се интензивираше бранот на иселување на млади и стручни кадри, со што државата е со многу помал потенцијал за покренување коренити општествени и социјални промени.

    3. Кое е значењето на изборниот резултат кој го освоивте на тукушто завршените Локални избори 2021?

    Главното значење на овие Локални избори 2021 е навестување на паѓањето на власта узурпирана од страна на владејачките криминогени партии СДС (Социјал-демократскиот сојуз) и ДУИ (Демокатската унија за интеграција), како и јакнење на единствената класно и национално освестена работничка партија – Левица.

    4. Како наодамнешните Локални избори 2021 се слични или можеби различни со претходните?

    Сѐ повеќе, меѓу народот, се напушта мислењето дека големите партии се единствениот можен избор. Влезот на Левица во советите, и тоа на неколку места во позиција да диктира мнозинство, е знак во оваа насока.

    5. Како новоизбраните општински советници на Левица ќе се разликуваат од останатите советници од другите етаблирани партии?

    Во оние совети во кои мнозинството зависи од Левица, нашите советници ќе може да условуваат поддршка со мерки од нашата Изборна програма кои се во интерес на локалните жители, додека во останатите ќе бидат будното око на народот и ќе алармираат за било какви неправди и коруптивни зделки, за кои естаблишментот би сакал да останат скриени.

    6. Од оваа перспектива, дали Левица е волна да партиципира во Влада предводена од друга опозициска партија или, пак, преферира одржување на предвремени парламентарни избори?

    Со оглед на малата бројка на пратеници во Собранието на Република Македонија, не веруваме дека во преговорите за формирање на нова влада ќе успееме да издејствуваме задоволителни политички пракси, закони или реформи за да се оправда нашето учество во евентуалната нова Влада, па преферираме избори на кои би ја засилиле нашата позиција и на кои би освоиле двоцифрен број пратеници во македонското Собрание.

    7. Со оглед на извесноста од предвремени парламентарни избори во секој момент, колку пратеници очекувате да освоите?

    Изборниот модел во Македонија, имено 6-те изборни единици, како и различната природа на парламентарните наспроти Локалните избори, која не дозволува доследно пресликување на резултатите, заедно со нашето нецелосно учествување на локалните избори (помалку од половина од вкупниот број општини во Македонија имаа советнички листи на Левица) – не дозволува прецизно предвидување на бројот на пратеници. Сепак, очекуваме бројката неколкукратно да се зголеми, со тенденција резултатот на освоените мандати да е двоцифрен.

    8. Кои се условите на вашите пратеници за да се приклучат или да поддржат формирање на нова Влада на РМ?

    Барањата кои Левица ќе ги постави за евентуална подршка зависат од силите (бројот на пратеници) кои и се на располагање и не можат однапред да бидат определени, но главно се состојат од: процесуирање на кривични случаи кои се ставени „во фиока“ од корумпираните обвинители кои се послушници на сегашната извршна власт, реформи во правосудството, зголемување на минималната плата, промена на изборнот модел во насока на воведување една изборна единица, прекин на недостоинствените преговори со соседна Бугарија, поништување на октроираниот т.н. „Преспански договор“, затворање на депониите за горење на странски токсичен одпад и поголема соработка со земјите надвор од НАТО

    9. Каков е Вашиот став за т.н. Преспански договор со Грција, со кој се промени името на Македонија?

    Левица е изричито против промената на името, наметнатиот капитулантски и квислиншки т.н. Преспански договор со Грција (кој е спротивен на мнозинската народна волја изразена на референдум), како и против членството на Македонија во НАТО. Сметаме дека ништо не е готово и вечно и тоа се историски реверзибилни процеси.

    10. Каква е позицијата на Левица во однос на бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ?

    Ветото на Република Бугарија е само современо продолжување на велико-бугарските амбиции кои се гаат повеќе од еден век и кои, во минатото, биле причинители на војни и страдања – со цел да се удоволат шовинистичките идеи на бугарската буржоазија. Ниедна земја не смее да дозволи да подлегне на уцени во однос на нејзиниот суверенитет и национален идентитет, па во оваа насока отворањето на преговорите со ЕУ не значи ништо, ако во меѓувреме од Македонци станеме „Северномакедонци“.

    11. Каков е Вашиот став во однос на членството на Македонија во ЕУ и дали поддржувате одредени алтернативи?

    Левица не е против ЕУ интеграциите на Македонија, сè додека патот кон ЕУ не значи бескомпромисно прифаќање на економските неолиберални мерки на приватизација, како и понижувачки преговори за националните прашања – два момента кои сметаме дека ја уриваат сувереноста и добросостојбата на една држава и на нејзиниот конститутивен народ. Околу алтернативите, бидејќи не го делиме декларативниот оптимизам на естаблишментот за скоро влегување во ЕУ, сметаме дека „во меѓувреме“ (период кој би траел и неколку децении) Македонија треба да гради партнерство со сите земји од светот, а не слепо да влезе во ретроградниот менталитет на Нова „студена војна“. Пред сè треба да ги зајакнеме врските со членките на Советот за безбедност на ООН – НР Кина и Русија, како и земјите од Источна Европа и Движењето на неврзаните. 

    12. Какви се Вашите размислувања и очекувања за иднината на Македонија и на македонската левица, генерално?

    Сметаме дека Левица ќе продолжи да расте и да станува сѐ поголем политички фактор во Макеоднија и дека, во идни поповолни историски услови, ќе стане и главен носител на политичката власт во државата. За Македонија, прогнозите во наредниот период за жал не се оптимистични! Новата енергетска криза ќе биде само еден од ланецот на економско-социјални потреси кои, како резултат на досегашното 30 годишно лошо и коруптивно владеење, ќе го срозат дополнително и онака нискиот животен стандард на просечниот Македонец.

     

    Линк до изворот на статијата:

    http://www.sinistraineuropa.it/approfondimenti/ascesa-della-nuova-sinistra-macedone-intervista-al-leader-di-levica/

    Најнови објави