Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

АД Европа ги третира своите вработени како модерни робови

Нашиот сектор за Политичка Економија реагираше за големата разлика помеѓу исплатените плати и остварениот профит на АД Европа, каде директорите и менаџерите си распределуваат милиони денари дивиденди, а даваат минимални плати на работниците. Деновиве, до нас како партија пристигнаа многубројни реакции од страна на вработени во ова претпријатие за лошите услови за работа и недоличниот третман кој го добиваат од страна на директорите и менаџерите. Подолу пренесуваме дел од нив, како јавноста би била запознаена со тоа што се случува во АД Европа.

Во корист на блиските пријатели на Савка Димитрова, директорка на АД Европа, на вработените речиси 25 години не им беше дозволено да ја сменат Комерцијална Банка како банка преку која земаат плата.

Пред две години, АД Европа им го укина паричниот износ за хранарина на вработените и ги смести да јадат во импровизирана менза. Со тоа, за време на пандемијата, во услови на лесна преносливост на вирусот, вработените се принудени да се собираат без маски, стиснати едни до други, за да јадат за време на работа.

Како приватна фирма, која што барем декларативно се залага за рамноправноста на пазарот и за фер конкуренцијата, АД Европа комплетно ја нарушува приватноста на своите вработени. За да вработен добие кредит, мора да помине низ недоличен процес на распитување на потребата за земање на тој кредит, и доколку истиот е со цел исполнување на одредена бизнис идеа, истата детално мора да биде образложена на менаџерите. Со ова, АД Европа е само уште еден пример кој се совпаѓа со тезата дека во капитализмот, „слободен пазар“ е оксиморон. Единствено постои слобода на корпорациите да ја нарушат индувидуалната слобода.

Недоволната светлина во погоните, вентилацијата со ладен воздух насочена кон вработените, промајата во одредени простории, репетитивното извршување на исти движења на телото по 8 часови дневно допринесува вработените од Европа да имаат големи здравствени проблеми: спондилоза, проблеми со грбот, мрежест вид итн. За сето ова, АД Европа одбива да превземе нешто, бидејќи се руши со нејзините цели за максимизарање на својот профит.

Левица, како партија на класно освестените работници, одбива да води политика која го максимизира профитот во надеж дека истиот ќе придонесе до подобрување на стандардот на работниците. Напротив, економијата водена со цел максимизирање на профитот единствено води до концентрирање на богатството и моќта во рацете на малкумина капиталисти. Левица во центарот на своите економски политики ќе го стави човекот наместо профитот на корпорациите. Со водење на редистрибутивни политики, преку прогресивно оданочување на доход, добивка и богатство, воведување на даноци на луксуз и експлоатација и отворање на државни претпријатија кои ќе понудат повисок стандард за вработени, Левица ќе се спротивстави на сè поголемата класна раслоеност и ќе гради едно похумано општество за сите работници во Македонија.

 

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – СЕКТОР ЕКОНОМИЈА
10 февруари, 2022

Најнови објави