ИНТЕРВЈУ НА СИМОНОВ ЗА ПОРТАЛОТ ИНТЕРВЈУ: Македонската надворешна политика е само показател плус за непостоечки суверенитет

симонов
  • Интервју со Александар Симонов, координатор на Сектор надворешна политика. Симонов е магистер по меѓународни односи на државниот универзитет во Санкт Петербург.

Обично за надворешната политика на Република Македонија, слушаме ставови на власта и во принцип најголемата опозициона партија. Многу ретко во мејнстрим медиумите излегуваат на површина ставовите на условно речено партиите со помал број на пратеници во парламентот, вие сте стручен во таа област. Ве молам за една генерална опсервација на Македонија и нејзината надворешна политика.

Преспанскиот договор, Договорот за пријателство и добрососедство се чини дека отворија тешки предизвици кон она што е Македонија денес.

Oвие три договори се класичен показател за нефункционална демократија, чија тоталитарност не претставува никаков проблем за т.н. Западни демократии, се додека истата ги отсликува и спроведува нивните империјалистички интереси. Ниту еден од овие договори не беше прифатен од народот, а секој од овие договори беа донесени под притисоци, уцени и закани кои доаѓаа токму од земјите кои ни се претставуваат како партнери. Од Левица претходно предупредувавме дека овие договори не затвараат проблеми, туку напротив, отвараат нови, но сега, за разлика од претходно ние правно и формално и дадовме на овие земји можност да не уценуваат по различни основи, додека од наша страна се врши идентитетска и национална ЕУтаназија во име на некаква интеграциска цел за која како што покажуваат последните анализа над половина од населението воопшто не верува дека некогаш ќе се случи.

Дополнителен проблем е што штетата нанесена со овие билатерални договори не им беше доволна, па така, преку т.н. француски предлог и неговата ратификација во Собранието, Владата, билатералните штетни договори кои можат да се раскинат еднострано без никаков проблем, ги вгради во преговарачка рамка, обврзувајќе се на нивно спроведување со ЕУ, односно со секоја нејзина земја членка.

Целокупниот заклучок е дека во ова владеење на СДСМ и ДУИ, државата многукратно е воведена во подредена позиција, а заради направените штети во само неколку години ќе се соочиме со бројни предизвици во наредните декади. Како и да е, потребна е радикална промена од траекторијата по која се движи македонската надворешна политика, со мудри одлуки и внимателен избор на партнери, како и промена на одредени стратешки цели, Македонија има реални шанси да излезе надвор од прангиите на овие штетни договори и се избори на меѓународната арена за угледот кој го заслужува секој Македонец.

– Ја следите ли работата на МНР, колку МНР е екипирано и во моментов е промотор на македонските интереси во констелација на балканските и меѓународните политички, економски и културни текови?

Македонското МНР само по себе не е државна институција. За да бидете државна институција, основна ваша задача е да го претставувате интересот на својата држава и својот народ. Политиката што ја води МНР е далеку од ваква. За внатрешната екипираност и со какви проблеми се соочува институцијата во сопствената организација не можеме да знаеме. Но, она што е евидентно надвор, е дека Министерството функционира како раштиман оркестар. Ако ги погледнете документите достапни за јавноста на официјалната веб-страница ќе забележите дека Министерството за период од една година објавило само неколку документи поврзани со својата работа, последната објавена публикација е од 2017 година, ова се работи кои говорат за неговата функционалност, која сериозно е доведена во прашање.

Еве да го оставиме политичкиот дел, МНР воедно е и сервис за граѓаните. Кога се случи корона кризата многу наши сограѓани останаа заглавени во границите на други држави, од Министерството не можеа да одговорат на предизвикот. Многу од граѓаните кои во периодот на ковид кризата беа преку граница им истекоа нивните пасоши што претставува основен документ (патна исправа) која ви овозможува престој, во 99% од случаите министерството не успеа да обезбеди изработка на пасоши во нашите амбасади или преку конзуларните претставништва. Да заокружиме, министерството сериозно потфрла и како претставник на државата и како сервис на граѓаните.

Да очекуваме од едно Министерство (вклучително со неговата прекугранична служба) да одговори на предизвици во меѓународните политички, економски и културни текови, кое не може да ги реши техничките проблеми во рамки на неговите основни задачи, е невозможно.

– Која е вашата прва асоцијација кога ќе го слушнете терминот македонска надворешна политика?

За жал, секогаш кога ќе го слушнам ова ме потсеќа на предавство, квислингштво и подаништво. Мака ми е кога ќе слушнам дека нашата надворешна политика е усогласена 100% со надворешната политика на ЕУ, односно колективниот Запад. Ова за мене е само показател плус за непостоечки суверенитет. Земјите членки на ЕУ немаат усогласеност со надворешната политика на ЕУ од 100%, а ние имаме, што е најголема потврда дека ние ниту управуваме, ниту пак одлучуваме за нашата надворешна политика. 

– Симонов, имаме ли реални пријатели во странство, мислам на вистински пријатели со кои во взаемните  односи не сме под „пријателска” пресија да отстапиме од „само уште нешто” за „наше добро”?

Во надворешната политика не постојат вечни пријатели ниту пак вечни непријатели. Ова е една од лекциите кои како млада држава сѐ уште ја немаме научено. Државите имаат интереси, а за остварување на интересите потребна им е соработка со оние земји со кои можат да ги реализираат. Владејачката трилатерала (СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ) овие триесет години наметна наратив дека постојат едноумие, една опција и една страна и дека нема друга алтернатива. Во име на ова ги распродадоа сите идентитетски обележја: знаме, име, историја, спроведоа уставни измени со кои го бришат АСНОМ, воведуваат образование кое ја брише идентитетската меморија, преговараат и удоволуваат на земји кои го негираат нашиот јазик.

И ова може да се реши, светската политика и геополитика се прецртува, економската, енергетската и ресурстната карта изгледа поинаку, валутите евалуираат, светот се менува, станува мултиполарен, транс-континенталните организации (како што е БРИКС) стануваат се позначајни фактори во меѓународната политика, а Западот го губи својот монопол. Тука е нашата шанса за креирање на нови пријателства каде нашите интереси ќе бидат на пиедесталот, а токсичната врска со колективниот Запад која не гуши, заменета. Имаме отворена шанса и подадена рака, ова шанса на светски прекројувања можеме да ја свртиме во наша полза, ама за тоа е потребна национална стратегија и политички одлуки надвор од стегите на западната матрица и џаболебарските грантови.

– Процесот на пристапување кон ЕУ и НАТО, потроши младоста на неколку генерации Македонци, се гледа ли светлина на крајот од тунелот?

Со ЕУ и НАТО заглавивме во блато! –  Заглавивме во сопствениот нефункционален систем, што секој ден не гуши. Во НАТО нѐ вовлекоа со сила, дури сега најдобро чувствуваме како е да те гази туѓа империјалистичка чизма. Еден од неколкуте основни предуслови  да се стане членка на злосторничкиот воен пакт е да се биде демократска држава. Епа, воениот пакт кој се повикува на демократија „нѐ вшумка“ во себе откако преку непосредна или директна демократија, на референдум, македонскиот народ кажа „НЕ“ за промена на уставното име на Република Македонија со цел зачленување во воениот и империјалистички пакт. Но, од членството во НАТО народот научи уште една работа – дека интеграцијата на земјата не и донесе ништо добро, освен вовлекување во непотребни конфликти и војни, за чија партиципација граѓаните плаќаат од сопствениот џеб.

А сега да се префрлам на ЕУ, но морам една мала паралела. Се сеќавате дека пред влезот во НАТО беа ветувани брда и долини, системски промени подобар живот и што уште не, и од тоа нема ништо. Корупцијата во вечна пролет, здравството во тотален хаос, образование без учебници – што е градење на анархистичко општество, огромна инфлација, се поголема стапка на сиромаштија. Дали некој мисли дека нешто од ова ќе се смени со членството во ЕУ, како што не се смени по насилното вовлекување во НАТО? – Не. Едноставно е, утре, без никаков предуслов да станеме членка на ЕУ нема ништо да се смени. ЕУ нема да ни донесе подобро здравство, сами мора да го изградиме, тие можат да ни ги земат само кадрите. ЕУ нема да донесе подобро образование, сами мораме да го замениме партиското со меритократско избирање на улителите кои сами ги креираме во нашите високообразовни институции. ЕУ нема да ни донесе помалку корупција, сами мора да се спротивставиме на тројниот пакт на Власта, која наместо да спречи ја стимулира и развива корупцијата.

Да заклучиме, нас не ни е потребно членство во Европската унија за да ни донесе подобар и пофункционален систем, нас ни треба сами да го изградиме овој систем, по примерот на одредени параметри од некои земји членки на ЕУ, затоа што нас ни е потребен државен апарат и систем во служба на народот, и се додека имаме ваков капиталистички модел, без разлика дали ќе бидеме или нема да бидеме земја членка на Унијата, ние остануваме да служиме на крупниот капитал, домашната буржоазија и западноевропската олигархија.

Да нагласам, Левица го поддржува членството во ЕУ исклучително преку призмата на внатрешните реформи и исполнувањето на одредени стандарди и преку призмата на Копенхашките критериуми, секое друго уценување, нема никаков однос кон Унијата. Додека што се однесува до НАТО, потребно е итно и неодложно истапувања од организацијата, каде воената неутралност ќе биде гарант за избегнување на било каков конфликт, и повлекување од конфликите во кои моментално сме вовлекувани.

– Колку македонските граѓани можат сериозно да сметаат на услугите на ДКП во странство, секојдневни се поплаките и незадоволството од третманот на нашите во светот?

Што се однесува до ДКП чинам дека граѓаните веќе се свесни дека тие не можат да се потпрат на нив и нивните услуги. Од поплаките за ДКП што стигаат до нас евидентно е непостоење на волја ниту чувствување одговорност кон своите граѓани дури и за најосновните услуги кои ги дава ова Министерство.

Да потсетам, ароганцијата во ДКП е отидена до таков систем, да во оваа пост-рамковна Македонија имаме случаеви каде луѓе со сериозни проблеми и во безизлезни ситуации ќе побараат помош или услуга од државната институција која е платена и должна да ја даде истата, а наместо тоа добиваат неодговарање на повици или најпровокативно им се одговара на албански јазик, и на тој начин луѓето се лишени од било каква помош од сопствената држава. Ова не ни очекувам да се промени, се додека не се направи целосна внатрешна реформа и промени пристапот на ангажирање работници, односно службеници и назначување на дипломатски и конзуларни претставници, чија работа ќе биде под постојана оценка.

– Сведочиме дипломатски активности од страна на македонското МНР во насока на тоа Шпанија да го признае Косово, додека остануваме неми на реални настани во кои премолчуваме жестоки нспади врз македонскиот идентитет, јазик, историја…

Од ваков министер и ваква власт, навистина би било чудно да видиме нешто да се прави во интерес на Македонија и Македонците. Ако ја погледнете систематизацијата на министерството, ќе забележите дека откако Османи е поставен на чело на оваа институција, следи нејзина целосна дуизација. Па така, одлуките за кадровски решенија како што се носат исклучително како по партиски (што исто така е карактеристично за СДСМ и ДПМНЕ) клуч, така и по етнички клуч (карактеристично за ДУИ) па така, раководителите на одделенијата, како и дипломатскиот кор, назначен по партиско-етнички клуч, не чуствува одговорност кон државата, туку кон партијата и етникумот на коу му припаѓаат. 

333398249 506246358149805 2019066054994452577 n

Од тука и самите кадри и политиките со кои раководат, ерозираат од националниот и државниот интерес и евалуираат во интерес на политичката партија и националната држава чиј етникум тие претставуваат во Македонија. Примерот на застапување на косовските интереси во Шпанија верувам дека не е единствен, но е еден од ретките за кои протекоа информации во јавноста. Веројато ќе се сетите дека истата оваа „дипломатска клика“ лобираше за поддршка на фалсификуваниот попис во европските земји, кој беше спроведен надвор од секој статистички и здраворазумен минимум.

Сега доаѓаме до моментот дека тие треба да ја претставуваат државата во која се назначени и интересот на народот од кој тие се платени. Но тоа не се случува. Тие немаат грам емоција и немаат проблем да се пуштат во преговори и го распродаваат македонскиот идентитет, затоа што кон него не чувствуваат политичка одговорност, уште помалку чувство на припадност или емоционална релација. А, ова, ова не е случајно. Ваквата кадровска политика мислам дека е наметната од некои надворешни центри на моќ кои практично управуваат со македонската надворешна политика, па затоа многу е полесно со ваква дипломатија да распродаваш нечиј државни интереси и идентитет, отколку со дипломатски претставници кои имаат вистински патриотски чувства и одговорност кон својата земја и народ. Затоа од нашето МНР и не ретко забележувате многу поостри, поемоцонални и позаштитнички настроени реакции кон Косово, одколку кон Македонија. Ќе потсетам на една народна поговорка „туѓа нива (земја) лесно се продава“.

– Во однос на промените на уставот и влегувањето на некочку нови национални малцинства во него меѓу кои и бугарите, ги знаеме ставовите на владата и опозицијата, кои се вашите?

На ова прашање нашиот одговор беше даден на протестите против т.н. Француски предлог, но и претходно. Да потсетам, сето ова влече корени од времето на заевизмот кога беше потпишан фамознииот „Договор за добрососедство со Бугарија“. Уште тогаш Левица бараше итен прекин на преговорите и непрекинато укажуваше на штетните последици од истиот, но квислингшката власт одлучи да не го слушне гласот на народот и како по обичај, секогаш кога не го слушаш својот народ, правиш негово предавство и влегуваш од грешка во грешка.

И еве сега државата веќе се насладува од отровните плодови на овој договор. Се врши историска ревизија, се брише антифашистичкото минато на македонскиот народ, бугарските фашисти стануваат администратори, македонскиот јазик се негира, а од оние кои не’ репресираа и ги убиваа на македонските партизани, кои го удрија темелот на современата македонска држава, сакат да направат конститутивен народ во преамбулата на Македонскиот устав.

Освен ова, ја следам реториката на владејачката клика, која вели уште уставните измени и готово е, нема пречка за членство во ЕУ. Да се разбереме, од ова нема ништо, ниту уставните измени имаат некаков однос кон „европските вредности“ ниту пак истите ќе донесат некаков просперитет. Едноставно е, тоа е барање кое ги задоволува бугарските национални апетити, а ЕУ е алатка која се користи за да се спроведат истите. 

Внесувањето на Бугарите во Уставот нема да биде последно барање, ниту пак ние ќе станеме членка на ЕУ ако направиме уште едно национално предавство. Затоа стоп за внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, Македонија не смееме да ја претвориме во втора бугарска држава, а политичкиот систем не можеме и не треба да го оптовариме за удоволување на права и привилегии во пост-рамковниот систем, на етникум за кој се изјасниле околу од 3000 жители.

Евроскептицизмот расте, а ЕУ мора да свати дека со вакви политики истиот нема да биде поправен. Унијата е таа која треба да направи ревизија на одредени свои политики и себеоценка за одредени постапки. Во свите редови таа има огромен пораст на национализам и уште поголема девалвација на демократија.

Македонија не бара многу, бара само третман како и за сите останати, градење односи на взаемно почитување и уважување на македонскиот народ. Правењето притисоци и уцени не се ниту демократска алатка, ниту европска вредност.

– Имате ли информација, кои се ефектите од македонските економски промотери во странство?

Конкретна информација немам, од она што може да се види на терен успесите се прескромни. Искрено не им ја знам агендата, ниту што претставуваат, претходно имаше вакви промотери а она што тие го претставуваа за нас, очигледно беше евтина работна рака, работнички труд и човечки потенцијал кои лесно можат да се експлоираат, од една страна, како и даночен рај за странскиот капитал,бројни привилегии пред домашното производство и компании и едноставна експлоатација на државни ресурси од друга страна.

Затоа, целата оваа работа не ја гледам како ништо друго освен распродавање на своите национални капацитети, работнички или ресурсни, од чии добра странските компании остваруваат енормни профити, додека работниците собирајќи ги трошките не можат да скрпат крај со крај. Затоа и сметам дека ваквата пракса која овозможува непрекината експлоатација преку невидливата рака на нео-либералниот систем мора да престане.

– Синови, ќерки, внуци на актуелни политичари, на мала врата тивко  и суптилно заземаат одговорни позиции во ДКП-ата, без никакво искуство и образовни референци, постои ли начин да се стави крај на таквата лоша практика.

Лошите практики не се прекинуваан со благи реформи, прекројувања, развојни програми, прераспределба на човечки ресурси и така натаму. Лошите практики се прекинуваат со радикални пресеци, одговорност и изрекување санкции. Системот е трул од одамна, и мора да претрпи промени, сериозни промени. Изградба на меритократски систем, која е основ за останување на одреден позиција не само во назначената дипломатија, туку и во целокупната служба е клучот за подигање на квалитетот и исполнување на одреден минимум, кој имајќи ја во предвид моменталната состојба, ќе мора да биде прилично високо. 

Само со неколку законски измени, кои преку промени во систематизациите, колективните договори како и промена во правилниците за работа ќе воведат меритократски начела и принципи каде основа е ресорсно образование, брзо и едноставно ќе се ослободиме од некадарноста која е резултат на партиските вработувања, непотизмот, а во системот ќе снема место и љубовниците и швалерките.

– Каде ја гледате Македонија во меѓународните односи десет години од сега?

Ова е премногу хипотетичко прашање, за разлика од претходно, кога промените на геополитичките текови претставуваа огромни временски интервали, денес промените се случуваат премногу бргу, некогаш и дневно политички настан може да промени многу. Но, ако тројниот пакт на СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ остане да владее, тогаш не гледам никакви промени, веројатно се’ уште ќе зборат како само уште нешто фали и да станеме земја членка на Европската унија, само којзнае какво национално велепредавство тогаш ќе им биде на ум.

Но, власта е менлива, а Левица е факторот кој краткорочно гледано ќе има се поголем удел во донесувањето на државните одлуки, додека пак гледано на среднорочен период, вакви одлуки ќе спроведува од позиција на Власт.

Морам да нагласам, дека само една надворешно-политичка одлука, на оваа или било која друга Влада, за миг може да го промени целиот тек на настаните и развојот на нашата надворешна политика и истиот да се развива по друг терк. Нашата геополитичка положба ни овозможува да играме и со Истокот, и со Западот, но нивната кадарност тоа не ни го овозможува. Ако се прашувам лично, јас би излегол целосно од матрицата на надворешната политика која ја водиме сега, и истата, наместо да ја фокусирам на бесмислени преговори по национални и идентитетски прашања,  би ја пренаменил во политика каде предност ќе и се даде на долгорочни материјални проекти со трети држави, кои ќе ја зголемат економската, енергетската и инфраструктурална способност на државата, затоа што ако го развиеме системот во оваа насока, ќе нема потреба да подлегнуваме на нечии национални уценувања, ниту пак потреба да се плашиме од нечиј санкци во случај да не играме по правилата кои ни ги наметнуваат. 

Во надворешната политика потребно е да се излезе од политичките и идентитетски ќорсокак во кој сме заглавени и да се навлезе во политика каде материјална и економска соработка ќе го имаат приматот. Доколку не го направиме ова, за десет години ќе бидеме повторно на истото, само со некои нови изветреани политички ликови во заминување.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

10.07.2023


Интервјуто изворно прочитајте го на следниов линк.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ