Димитров: Со вакви културни политики и Лесковац може да ни биде Европа

тони димитров

Автор: Тони Димитров – Координатор на Сектор култура на Политичка Партија Левица

Компаративна анализа на локалниот културен амбиент

Бавејќи се со културата и на лично и на професионално, а и на политичко ниво, сепак не може да кажам дека може да зборувам за културата на дневна основа.  Во таа област не се случуваат толку спектакуларни и скандалозни работи како во правниот, правосудниот, економскиот, или социјалниот домен, каде скандалите се натпреваруваат кој повќе ќе не шокира до конечно отапување. Шок доктрината е добро испраксиран метод за подметнување на штетните политики на власта што го сведочиме секојдневно,  со тоа неприметно голтајќи ги агресивните империјални  политики. 

Културата треба тие шокови да ги амортизира или, пак, да нé воздигне, да нé еманципира. Но веќе стануваме имуни на сé, па и културата се претвора во својот антипод, станувајќи опозит од тоа што треба да биде, духовна храна, преобразувајќи се во необврзна дневна забава. 

Говорејќи за културата, треба да говориме за уметноста (иако и таа знае да шокира), за убавото (иако постои и естетиката на грдото), за културното наследство (како дел од идентитетот),  археологијата (поточно историјата) и успесите во тие поединечни аспекти. 

Без да навлегувам во поединечна експликација на секој од овие аспекти, бидејќи кај нас сé е дискутабилно и бара одговор на прашањето „зошто?“, би можеле да продискутираме за главниот проблем, кој секогаш циклично перпетуира и се пројавува, и од кој зависи сé, посебно во културата – финансиите. Впрочем тие и се актуелни на крајот на годината или почетокот на следната. 

Културата како своевиден темел на општеството, која е ретко профитабилна, (скоро секогаш) треба да е под закрила на државата. Освен независната, алтернативна, underground сцена, чија интенција е да остане на маргините, во гаражите, за „избраните“, голем дел од културните домени се поддржани од државата (не анализирајќи ги тука странските културни проекти кои се во служба на туѓи политики). 

Не може да се спори дека во 32 годишната независност и ние можеме да се пофалиме со играчи кои опстанале на сцената. Некои сериозно ја туркаат авангардата, некои се бават со културните индустрии, некои навлегуваат во турбо културата, а некои балансираат некаде помеѓу, но сепак ретко кој од нив станал самоодржлив. Она кое е заеднички именител на сите е и немањето континуитет во сето тоа (што е повод за анализа во посебна колумна). 

Неодамна прочитав вест дека Берлин ќе го зголеми својот буџет за култура за 2024 на 947 милиони евра. Државниот министер за култура и социјална кохезија Џо Кјало дури ветил дека сумата ќе достигне до милијарда евра во 2025. Кјало, кој порано пеел во метал бенд, оваа година го презел берлинскиот сектор за култура. Тој најавува и дека градот ќе додаде 500 нови јавни културни простори на веќе постоечките 2.000, а нивната бројка треба да биде удвоена до 2030.

Имав прилика да го посетувам овој град редовно, уште  од раните 2000-ти, кога (неофицијално) започна да го презема приматот на светска културна престолнина и каде можев да впивам од неговиот непресушен потенцијал и на изворен начин да учествувам (а преку тоа и да учам) околу културниот активизам, сцената на нова музика, community radio сцената, и што уште не. 

Во тоа време сé уште се работеше за европски град како и било кој друг. Евтин, кириите беа и повеќе од пристапни, доволно инфраструктура за достоен живот на било кој млад човек, квалитетно образование, развиена култура, голем број клубови, ноќен живот на ниво, и т.н. Од друга страна град со потенцијал за развој на туризмот, доволно напуштени објекти околу реката Шпре за функционирање на независната сцена (сквотови, клубови)… Доволно потенцијал за зачеток на некаква културна сцена, која градот/државата подоцна ќе ја препознае и надгради. Впрочем, тоа и е целта на културниот естаблишмент: да го препознае, финансира, надгради т.е. искористи тој потенцијал за повисоки цели. 

По две декади редовна посета, го посведочив континуитетот на развојот. Музичарите и уметниците го претворија градот во своја база за работа и претставување на своите креации. Така се создаде и публика, која е главната предиспозиција на една здрава сцена. Издавачките етикети исто така ја искористија таа поволна клима за да ги преселат своите канцеларии од другите европски градови токму во Берлин, ползувајќи ги погодностите настанати од развојот на културниот амбиент. Се појавуваа фестивали за современа музика и уметност. Од Transmediale, Club Transmediale, Atonal, итн., клубовите никнуваа како печурки: од Tresor, Berghein, Panorama bar, Watergate, Maria…  

Последен пат го посетив овој град 2021 и просто не можев да го порепознаам, како да се работи за сосема друг град. Жив, изграден, улиците преполни со кафулиња, нови клубови, луѓе на улиците… Вистинска светска културна престолнина. 

Германија веќе некое време е еден од водечките европски инвеститори во културата. Информацијата понатаму вели дека меѓу другото, сите жители кои оваа година стануваат полнолетни ќе добијат ваучер од 200 евра за културни содржини. Од друга страна на национално ниво, оваа година федералниот буџет за култура порасна на 2,4 милијарди евра. 

Но, и не мора ни да одиме подалеку од Балканот. За програмите во културата, Градот Загреб годинава издвоил вкупно 8,3 милиони евра, што е речиси двојно повеќе од лани, а градоначалникот на Загреб Томислав Томашевиќ истакна дека средствата за културата се зголемени во сите категории. Инвестициите се однесуваат и на капитални инвестиции и на програми за вонинституционална култура, на културните институции на градот Загреб и на инвестициско одржување на културните институции. 

Во 2021 година, од буџетот на Загреб, за култура беа одвоени 5%, што е прилично многу во споредба со други хрватски и европски градови, a сега процентот е зголемен на 7% од вкупниот буџет на градот Загреб. За сите аспекти на културата во 2021 година биле планирани 95 милиони евра, а во буџетот за 2024 година 168 милиони евра, што е околу 73 милиони евра или скок од 76 отсто за само овие неколку години. Во однос на претходната година се зголемени и програмските средства за културните установи на градот Загреб и тоа за цели 65 проценти, додека средствата за нивното одржување и опремување се зголемени за пет пати во однос на 2021 година, а трикратно во однос на минатата година. 

Се прашувате зошто го пишувам сево ова? Веројатно за компарација, или самоопсервација, некаква самопроценка на тоа каде се наоѓаме ние на ниво на културата во овој историски момент, и дали можеме подобро. Та нели Скопје е европска престолнина на културата? Според ова (да почнеме од буџетот), дали навистина може да го споредиме Скопје со Загреб, ако веќе не може ни да помислиме на Берлин? 

Па секако дека не може, иако сум сосема сигурен дека подобро можеме. Било кои од овие компаративни аспекти помеѓу градовите се взаемно немерливи. За да исполниме барем дел од ова, треба сериозна и осмислена стратегија и пристап. Координиран настап и настани помеѓу градот/министерството и сите установи, а потоа и културни чинители, и што е најважно (по)сериозни буџети. Да не бидеме несериозни, но со овие навредливи буџети за културните установи и културата воопшто, и Лесковац ќе ни биде Европа. За тоа е потребен и кадар кој ќе ја познава и сака работата во културата, а не кадар кој не знае зошто е тука. Културните институции и установи се пред физичко распаѓање, а дел се веќе и распаднати, што подразбира дека мора да постои свесност околу инфраструктурното вложување. Буџетите веќе знаете, или се осакатени или (верувале или не) се кријат од директорите на установите. Вработени нема, тие кои ги има се пред пензија или хронично заспани, а министерството за финансии не дозволува нови вработувања.. Младите бегаат, а на работа на договор на дело не ни помислуваат кога повеќе заработуваат како келнери во кафуле. 

Накратко, состојбата во културата е таква каква што е. Опфативме доста аспекти кои може да се детализираат на долго и широко, а потоа и да се анализираат засебно, што е и мојата намера за претстојниот период. Единствено што можеме да заклучиме е дека културата (т.е. темелот на општеството) тоне, а ние сме качени на Титаник кој плови кон Њу Јорк. 

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
19.02.2023

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ