Ванковска: Зошто никој не зборува за Рамковниот договор?

biljana-vankovska

-Фејсбук статус на претседателскиот кандидат на Левица, проф. д-р Билјана Ванковска:

„Зошто никој не зборува за Рамковниот договор? Дали стана света книга? Дали уште ќе не’ плашат дека е тој фактор на мирот, инаку „ќе (го) пукне“? Ако за 20 години овој ВРЕМЕН и само рамковен договор не создаде услови за позитивен мир, а не за негативен (отсуство на „ќе го пукам“), тогаш треба да се прашаме која е неговата улога денес?! Зошто се држиме, т.е. тие се држат, за него како слеп за стап? Одговорот е јасен: само во ваков етнотрибалистички, племенски систем, карикатурални ликови и лица склони на насилство можат да бидат елити! Ним им одговара меѓу нас да дигаат етнички бариери, да не вртат едни против други, додека заедно не’ експлоатираат и распродаваат на свои блиски или странски корпорации.

Ние сме робови на еден повоен систем кој создава „примирје“, а не мир. Ние сме нивни заложници, а им чини и на едните и на другите зошто не’ дисциплинираат врз основа на нашата лојалност кон еден режим кој нема ништо заедничко со народната демократија и народниот суверенитет.

Апсурд е (по)воен договор да вклучиш во уставна преамбула – војната од 2001 година чии рани се’ уште не се залечени, е прогласена на уставна вредност и наша историска придобивка. Колку е тоа нормално, кажете ми? А потоа уставните амандмани го деформираа оригинално замисленуот систем на либерална демократија во консоцијациска (племенска, етничка недемократија – затоа што нема демос, туку етноси кои треба да се гледаат како ривали).

Затоа сум била и се’ уште сум против Св. Рамковниот договор. Се’ додека се крстиме во него, ќе живееме се’ полошо, па затоа децата ќе ни бегаат во земји во кои вакво чудо нема.“

БИЛЈАНА ВАНКОВСКА
10.03.2023

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ