Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Приватните лаборатории оствариле енормен приход од речиси 10 милиони евра

Минатата година ќе остане позната како катастрофално тешка година и тоа, не само поради глобалната здравствена криза што ја предизвика корона пандемијата, туку и поради економските турбуленции кои настанаа како последица од неа. Дека 2020 година беше навистина тешка година говори и фактот дека огромен број на луѓе остана без својата егзистенција, поради губење на своите работните места.

Но пандемиската годината, не беше кризна година за сите. Напротив! Поради ужасната состојба во јавното здравство, немањето термини за тестирање во државните лаборатории, исплашени за сопственото здравје, а во интерес на драгоценото време, голем број на граѓани беа приморани потребните тестови и анализи да ги прават во приватните лаборатории.

Ова значеше празнење на џебот на граѓаните, но истовремено и полнење на касите на приватните лаборатории. Тоа резултираше со акумулирање на огромен приход за трите приватни лаборатории во Македонија кои само лани инкасирале вкупен приход од фантастични 9,8 милиони евра, што претставува двојно зголемување на нивниот приход во однос на претходните години.

За овој приход на приватните лаборатории директен виновник е министерот за здравство, Венко Филипче, кој со намерното и системско уништување на јавното здравство, ги “брка” граѓаните во приватните институци.

Министерот за здравство ниту обезбеди соодветни услови за тестирање, ниту пак обезбеди доволен број на тестови во јавните установи.

Вториот виновник за празните џепови на граѓаните посекако е Владата, која во прогласена кризна состојба каква што имавме лани, има моќ да носи Уредби со законска сила, па така може, доколку има политичка волја, да донесе Уредба со која ќе ги утврди максималните цените на услугите во приватните лаборатории и установи.

Сето ова немаше да се случи доколку на Владата и министерот за здравство, како приоритет им беа здравјето и благосостојбата на граѓаните, а не профитот на приватните компании. Поразителен е фактот дека граѓаните кои што плаќаат здравствено осигурување со цел да имаат право на користење на бесплатни здравствени услуги, се приморани истите услуги да ги користат во приватните установи и да плаќаат дополнително за нив.

Друг изненадувачки факт е дека при неколку пати зголемен обем на работа, што резултираше со огромниот профит, приватните лаборатории останале со ист број на вработени, па не можеме, а да не се запрашаме, дали на нивните вработени, кои што очигледно имале двојно зголемен обем на работа – исто така им била двојно зголемена и платата?!

Зошто тенденциозно се уништува јавното здравство на сметка на профитот на приватните здравствени установи и зошто парите на граѓаните наместо во Буџетот, завршуваат на сметките на приватните компании се прашања за кои некој набрзо ќе мора да даде отчет.

Сите проблеми со кои што се соочува јавното здравство можат да се решат со совесно и домаќинско менаџирање и давањето приоритет на здравјето на граѓаните, пред профитот на приватните компании.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
27 мај, 2021

Најнови објави