Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Левица бара апанажа и за работниците

    Ја известуваме јавноста дека пратениците на Политичката партија Левица, како единствена автентична партија на трудот, која ги штити интересите на работниците, до Собранието на Република Македонија, ќе поднесат Предлог – закон за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, со кој ќе се овозможи обичниот работник да зема месечен паричен надоместок за време на привремена невработеност под еднавки услови како и т.н. апанажа, која им следува како класна привилегија на избраните и именуваните лица, т.е. на јавните функционери во државава.

    На ваков чекор се одлучивме предизвикани од вчерашното неподдржување од страна на пратениците на Предлог-законот, поднесен од Левица, за укинување на апанажата на функционерите. Таквото дејстување на, условно кажано, најголемите политички партии, е само продолжение на статус-квото, а против начелото на социјална правда.

    Дополнително, тоа нивно дејстување е недржавничко и претставува доказ дека за нив правата на обичниот работник за достоинствен живот се безвредни и единствена нивна партиска заложба е директна заштита на капиталот и привилегиите на мала група неспособни функционери.

    Упатуваме апел до работниците и до синдикатите, јавно и отворено да го поддржат овој наш Предлог – закон и сметаме дека неговото поднесување е во насока на доследно почитување на уставното начело на забрана на дискриминација врз основа на имотна, социјална и општествената положба.

    ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
    11 февруари 2022

    Најнови објави