Крајевски: Идеолошка дебата за прогресивен данок

Jovan-Krajevski-Levica

Пишува: Јован Крајевски, член на Президиумот на политчката партија Левица

Со најавата на солидарниот данок, кој стреми да ги оданочи екстра-профитите на олигархијата, се врати и бајатата критика на ДПМНЕ против прогресивниот данок. Но, претходните неколку години ги акцентираа класните разлики до тој степен што јавноста повеќе не гледа „баба рога“ во прогресивниот данок, туку решение кое веќе требаше да биде донесено. Затоа сега критиката на ДПМНЕ е процедурална – тие отворено не кажуваат дека се против даночење на екстра-профитите, туку дека законот бил избрзан, односно не биле консултирани академската заедница и тие што треба да го платат данокот!

Дебатата за прогресивниот данок не е техничка, туку идеолошка!
Тавтологија е воопшто да се спомне дека политиката е идеологизирана. Политичките субјекти ги застапуваат интересите на разните политички класи во државата. Кога два политички субјекти на две спротивставени класи преговараат, тие не трагаат по најдоброто решение за целокупното население, ниту пак за решението кое што ќе биде најдобро прифатено од академската заедница. Секој политички субјект преговара со цел да оствари што е можно повеќе од интересите на класата која ја претставува.

Посебно се губи „научноста“ на преговорите кога еден од полтичките субјекти се преправа дека ги застапува интересите на една класа, а во реалноста се бори за интересите на другата. Во таа ситуација, преговорите имаат за цел да го амортизираат гневот на поразената класа и да го задржат или зголемат политичкиот рејтинг кај граѓаните.

Во ситуацијата со солидарниот данок, пред нас се спротивставени работничката класа и класата на крупни капиталисти – олигарси. Каква академска дебата, побогу, може овие две класи да имаат? Каква научна теорија ќе и објасни на текстилната работничка дека лихво-банкарскиот систем во Македонија, кој од месец за месец ја „дере“ со камати и ја праќа по извршители, треба да си го задржи профитот што го остварил од нејзината немаштија?

Гневот што тлее во работничката класа, што бара да се намалат екстра-профитите, да се конфискуваат имотите на олигархијата, да се оданочи крупниот капитал – овој гнев е амортизиран со законските решенија на СДСМ. Законското решение за солидарен данок е избрзано, но аргументот на ДПМНЕ дека причината е тоа што не е консултирана академската заедница или тие што треба тој данок да го плаќаат е аргумент кој има само една цел – да го штити крупниот капитал. Кога работничката класа била консултирана во врска со носењето на кое било законско решение кое задира во нивниот џеб?

Работничката критика на солидарниот данок е дека тој е некомплетно решение кое што едвај малку чепнува од медот што олигархијата го собира и како таков треба да се доработи во насока уште повеќе да ја намали класната раслоеност!

Академската заедница ја поддржа криминалната приватизација во ‘90-тите
Академската заедница може да понуди анализа на објективната поставеност на нештата, може да навлезе во разоткривање на интересите на одредена класа, може да понуди теоретска анализа на методите на борба кои една или друга класа ќе ги користи или може да се впрегне во разобличување и критика на „научноста“ зад која се кријат одредени политички субјекти.

Проблемот е што академската заедница самата е политички субјект и ги брани интересите на олигархијата! Ова веќе со децении се докажува, одново и одново, и посебно беше евидентно во периодот на криминалната приватизација. А има ли потреба воопшто да се спомене, со чест на исклучоци, ставот или молкот на академската заедница во однос на ОРД, Преспанскиот договор и преговорите со Бугарија?

Токму академската заедница треба да биде мета на разобличување од страна на вистинските и искрени научници, а не од нив да се бара мислење во расправата за прогресивниот данок!

Колумната е иницијално објавена во весникот Фокус

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ