Непосредно пред одржување на Локалните избори за избор на членови на Совет во Тетово се рашири веста дека партијата на Гаши вработила 50 лица во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, и тоа сите Албанци.
Вработувањата по клуч, партиски, по национална, верска или каква било основа, стана пракса изминативе 30 години и начин за обезбедување на сигурни изборни гласови.
Под закана од губење на своето работно место, локалната, исто како и државната администрација, се претвори во гласачко тело на партијата што ги вработила или на таа со чија помош ќе можат да го задржат истото.
Партиите, во недостиг да обезбедат соодветни услови за живот за сите граѓани, се расфрлаат со работни места, како награда за партиските членови.
Катастрофалните политики на сите влади досега создадоа премиса на единствен услов за вработување преку партија.
Работниците немаат друг избор освен да станат членови на партија за да се вработат, и притоа мораат да си го „одработат“ вработувањето преку партиски активности и дел од платата да дадат на партијата, а по вработувањето секогаш да и се достапни за митинзи и партиски активности.
Наместо да го развијат образованието, да го унапредат здравството, да ја подобрат инфраструктурата, партиите на власт единствено можат да се пофалат со вработување на нови луѓе.
Вработувањата ги вршат без оглас, без претходно утврдена потреба од нови вработувања и без потребни квалификации.
До кога ќе трпиме селективно вработување?
До кога квалитетните кадри без разлика дали се Македонци, Албанци, Роми, Власи ќе седат дома или ќе се иселат од државата, за да се вработат партиски кадри?
Доволно бевме сведоци на наместени огласи за вработување. Повеќе не станува збор за етничко вработување, туку за партиска агенда на партиите што ништо не понудиле и не реализирале во својот мандат, освен што на товар на буџетот ги плаќаат своите партиски членови.
Поради ваквите политки државата тоне од превработеност, а квалитетните кадри си бегаат од државата.
Секоја политика која не може да обезбеди фер и чесен однос кон сите поединци е погубна!
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ТЕТОВО
08.08.2022г.