Денес, во спомен на Ацо Ангеловски (26) од Волково, којшто пред 23 години заедно со уште двајца полицајци подмолно и ѕверски беше убиен во Арачиново – членови од Л.О. Левица Ѓорче Петров оддадоа почит и положија свежо цвеќе на спомен обележјето на загинатите бранители во Волково, Ѓорче Петров.
На 11 јануари 2000 година, околу 22:30 часот во Арачиново – убиените полицајци Кирил Петрушевски (23), Ацо Ангеловски (26) и инспекторот Ерол Готак (27) учествувале во акција за пронаоѓање украдени луксузни автомобили и вршеле контрола на моторните возила, кога биле пречекани во заседа од вооружена група што отворила оган врз нив од автоматско оружје.
Полицајците на влезот на Арачиново запреле три патнички возила. Во моментот додека едно од службените лица ја проверувало документацијата на првото застанато возило, од другите две возила излегле неколку лица кои од автоматски пушки и пиштол испукале повеќе куршуми кон припадниците на МВР. Откако испукале подолги рафали од автоматското оружје, злосторниците од трите запрени возила повторно влегле во нив и се упатиле по главната улица на Арачиново, во насока кон Куманово.
Една година подоцна, кога започнува воениот конфликт во Македонија, терористите од ОНА ќе ја преземат одговорноста за оваа заседа.
Судскиот процес за убиството на тројцата полицајци траеше 18 години, сѐ до април 2018 година, кога Кривичниот суд во Скопје донесе втора ослободителна пресуда.
Еден од седумте обвинети иако во истражната постапка го признал и опишал во детали настанот, на судењето го сменил исказот.
За жал, и за овој случај никој не се најде казнет и никого не го стигна правдата.
Вечна им слава на младите јунаци кои бидејќи „нагазија на ризичен терен“ – беа подло убиени од терористите.
Вечен срам за предавниците!
Жртвата за Македонија никогаш не треба да се заборави!