Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Самохраните родители повторно изоставени од владините мерки

Вечерта на 17.1 по препорака на Комисијата за заразни болести македонската влада донесе одлука за продолжување на училишниот распуст до 1.2.2022 година. Ова е една од ретките навремени и конструктивни одлуки во врска со мерки за справување со Ковид 19. Во исто време, таа е причина за дополнителен стрес и нервози кај голем број самохрани родители.

Самохраниот родител мора прецизно да го планира времето и обврските така што да може да се справи со родителските и работните обврски. Периодот на распустот е дел од таквото планирање. Но, што кога распустот е продолжен, а деновите од годишен одмор се потрошени?
Дали самохраните родители кои додека се на работа згрижувањето на децата им го препуштаат на училиштата со целодневна настава сега ќе треба да отвораат боледувања кои дополнително ќе го истенчат и без тоа тенкиот семеен буџет?
Зошто потребите на оваа категорија родители и благосостојбата на нивните деца воопшто не е третирана при донесувањето и на оваа мерка?

Еднаквите можности кои доминираат во професионалната биографија на новоименуваната министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, би требало да сигнализираат висока сензибилизираност за ваков вид прашања. Или, можеби била отсутна од седницата на која е донесена оваа одлука, па не успеала да изнесе соодветни предлози по мерка на оваа група граѓани?

Левица бара продолжувањето на распустот на учениците да биде соодветно проследено со мерки кои ќе ги пресретнат проблемите што истото им ги предизвикува на самохраните родители, односно истите да бидат ослободени од работни обврски без задршка на плата во периодот додека трае продолжениот зимски распуст.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – СЕКТОР ОБРАЗОВАНИЕ
20 јануари, 2022

Најнови објави