Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Доделени спортските ваучери од АМС – бројни се негативните реакции од незадоволните спортисти

Во период кога е актуелна Зимската Олимпијада во Пекинг 2022 и кога се восхитуваме на секојдневните резултати на спортистите од целиот свет на овој најголем спортски настан, во нашата Македонија повторно наидуваме на маргинализирање и деградирање на спортистите од страна на државните институции.

Изминатата недела беше објавена листата на корисници на средства од даночно ослободување за 2022 година, познати како спортски ваучери кои Агенцијата за млади и спорт ги додели на спортски федерации, клубови и спортисти. Директорот на АМС, Мојсовски даде изјава на одржаниот прес: „Мерката ваучер систем ги дава своите резултати. Со ваквата распределба на средства ја зголемуваме и мотивацијата и интересот за спонзорирање на стопанските субјекти во спортот!“

Ваквата идилична изјава нема да ги скрие разочарувањата на спортистите, клубовите и федерациите кои не се најдоа на овие листи и со тоа не добија поддршка за своите идни спортски подготовки и подвизи, односно фактот дека многу заслужни спортисти и клубови не добија никаква поддршка со оваа мерка.

Комисијата при АМС која одлучувала за доделување на ваучери очигледно воопшто немала цел да го поттикне и поддржи спортот, туку напротив да ги деградира и демотивира спортистите за идни спортски резултати. Логично, се поставува прашањето – зошто дел од нашите олимпијци кои ги бранеа боите на Македонија на Олимпијадата во Токио 2020, воопшто ги нема на овие листи за ваучери, ниту пак клубови кои остварија огромни резултати? Кои се тие критериуми по кои се одредува висината на овие ваучери ако воопшто постојат такви критериуми? Не може спортист со олимписки медал, како највисок степен на успех да има помала тежина од медал од светско (нашиот единствен олимписки медалист од Токио 2020, таеквондистот Георгиевски беше еден од многумина спортисти кои јавно се пожалија на неправедниот третман). Не може олимписки репрезентативец на Македонија да не биде воопшто дел од листата!

За да постои поддршка во вистинска смисла, а не само демагогија и празни ветувања, треба стратегија на државно ниво за развој и поддршка на спортот, кој е најдобар преставник и амбасадор на секоја земја во светот. Со ваквите таканаречени мерки – доделување на ваучери без критериуми, за жал, само уште повеќе се демотивираат спортистите и се предизвикува раздор во и онака нарушените односи во спортските федерации.

Спортистите бараат вистински мерки за поддршка на нивните услови за секојдневна работа и подготовка, а особено младите генерации кои треба допрва да се докажуваат во спортските арени.

Нашиот тим во Секторот спорт на Левица, работи на нови, подобрени предлог-мерки, кои еднакво ќе ги третираат спортистите (и клубовите) кои се заслужни со своите успеси. Во процесот ќе бидат консултирани и вклучени стручни лица од спортот, како и самите спортисти, со цел задоволување на нивните потреби, пред сѐ.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – СЕКТОР СПОРТ
16 февруари, 2022

Најнови објави