Денес, на седницата на Советот на град Скопје, беа изгласани три одлуки за набавка, со кои ќе се унапреди и зголеми капацитетот на Противпожарната бригада на Град Скопје.
Набавка на две специјални противпожарни возила – автоцистерни;
Набавка на пумпа за теренско возило со притисок;
Набавка на едно специјално противпожарно навално возило;
Низ изминативе години, преку спроведувањето на нео-либералните политики и приватизацијата, јавните и државни капацитети на институциите континуирано беа девастирани. Политики кои доведоа до драстичен пад на квалитетот и обемот на пружање на јавните услуги.
Со ова, претпријатијата се доведени до состојба да најголемиот дел од услугите ги обезбедуваат преку ангажирање на приватни фирми и надворешни лица, состојба што доведе до појава на енормна корупција и богатење на мал број луѓе на штета на јавниот интерес и јавните средства.
Советниците на Левица во градското Собрание и понатаму ќе се залагаат за политики кои ќе имаат за цел зголемување и унапредување на капацитетите на јавните претпријатија и градските служби – за да истите самостојно на што поефективен и ефикасен начин ги извршуваат надлежностите, а со цел подобрување и унапредување на услугите кои ги пружаат на граѓаните.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ГРАД СКОПЈЕ
31 март, 2022