ИНТЕРВЈУ НА ХАКТАН ЗА ПЛУСИНФО: Левица ја нарекуваат фашистичка партија тие што Кичево го третираат како воен плен

Реџеп Исмаил Хактан

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Како никој од нив не го забележа етно-шовинизмот на владејачката партија која Кичево го прогласи за „воен плен уште од 2001-та година“ и дека таму не доаѓало во предвид Македонец да биде градоначалник. Или, пак, предупредувањето на Ахмети до Албанците од Гостивар, во стилот на трибалистички водач, за ризикот од тоа да се дозволи Македонци да одлучуваат за „албанскиот град Гостивар, вели Исмаил.

redjep ismail

Реџеп Исмаил е член на предизиумот на Левица, а од неодамна и советник во Советот на Град Скопје. Во интервјуто за Плусинфо тој говори за лажната реторика со која политичките неистомисленици се обидуваат да ја оцрнат Левица, партија за која тој вели дека не е ни фашистичка, ни анти-албанска.

Неговиот избистрен интелект, како и одличното познавање на приликите во Македонија и во светот, не ве оставаат рамнодушни во текот на разговорот. Исмаил делува искрено, на прашањата одговара јасно, без ронка на демагогија и празна реторика.

Во текот на минатиот месец, во моментите кога опозицијата се обидуваше да ѝ изгласа недоверба на владата, токму Левица беше посочена како невозможна за било какво коалицирање или соработка. Односно, одредени албански политичари изјавија дека „антизападната политика која ја пропагира вашата партија“ е причината што пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи се премисли, а веднаш потоа со ист изговор и од Алтернатива се решија да влезат во владејачкото мнозинство. Како вие гледате на овие работи?

Како на авто-пазар, каде продавачите на половни автомобили имаат развиено еден уникатен стил и талент во изнаоѓање на изговори и оправданија за секоја, ама баш за секоја, дури и за најситната дадена забелешка во врска со автомобилот кој го продаваат. Имено, партиите како Алтернатива единствено на што целат е тоа да бидат привезок на власта, без разлика кој и каде ја предводи истата, единатвено важно им е да имаат удел во поделбата на пленот. Во овој момент, СДСМ на чело со Заев и ДУИ, го имаат запленето целиот државен имот, материјален и духовен, целиот наш општествен потенцијал и капацитет, и сега сето тоа на политичката тезга се нуди на секој еден политички субјект кој ќе се согласи да не го предизвика владеењето на криминалот и корупцијата. Додека, пак, од оној кој ќе се приклучи на таквото владеење, како во случајов Алтернатива, не може ништо друго и да се очекува освен да се „ухода“ во лукративното, корумпирано и криминално практицирање на власта.  Инаку, искрено, мене не ми е баш јасно на што точно мислат тие албански политичари кога велат дека Левица пропагира „анти-западна“ политика? Тоа им е изговор да партиципираат во криминогена власт. За да не оставиме простор за шпекулации, со какви веќе 3 децении се манипулира со народот, ќе прашам конкретно: Дали спротивставувањето на тоа една држава каква што е Македонија, со еден куп социјални проблеми, да купи оружје од САД во вредност од 270 милиони долари, е тоа на што мислат под анти-западна политика? Ако ова и слични ставови на Левица е она што го нарекуваат анти-западна политика, тогаш должни се да појаснат каква корист обичните граѓани имаат од спроведувањето на вакви „прозападни” политики и какви штети би имале граѓаните од, на пример, 270 милиони евра да беа потрошени на јавно здравство наместо на тенкови. Или пак дали доделувањето на бизнис коруптивната зделка за изградбата на автопати без тендер на американската компанија Бехтел е пример за про-западна политика!? Потсетувам, Левица беше единствен политички субјект во парламентот кој се спротивстави и ефективно го блокира неевропскиот предлог за воведување етничка припадност во лични карти, за кое дури и евроамбасадорот Дејвид Гир најави дека во ЕУ стапува на сила регулатива за заштита на лични податоци, со која се забранува споделување лични податоци, како расна, етничка, политичка и верска припадност.

Политичките противници, но и голем број на аналитичари и новинари ве нарекуваат фашисти, националисти и анархисти, а Левица според нив е антизападна и антиалбанска партија која се противи на интеграцијата во НАТО и во ЕУ. Колку има вистина во овие тврдења?

Во ваквите обвинувања има онолку вистина колку што им е потребно да се замаскира нивната лага – вистина е само тоа дека ние сме против интеграцијата во една воено-злосторничка организација како што е НАТО-пактот. Па, оттука и контрадикторноста во обвиненија – во исто време, во исти контекст, за исти акт сме клеветени и како фашисти и како анархисти!? Ваквите аналитичари и новинари не се ништо друго освен поттрчковци на власта, а тие од власта пак се наши политички противници, па сѐ она што тие ќе го кажат за нас, нивните аналитичари и новинари само го шират преку своите медиуми. Ваквите обиди за оцрнување и дехуманизација на Левица и нејзиното раководство се само одбранбен механизам на власта од бескомпромисната критика која даоѓа токму од Левица – критиката која највеќе ги боли. Туку, зошто ниту еден од овие аналитичари и новинари идеолошки не ја евалуира кампањата на ДУИ од скоро поминатите локaлни избори? Како никој од нив не го забележа етно-шовинизмот на владејачката партија која Кичево го прогласи за „воен плен уште од 2001-та година“ и дека таму не доаѓало во предвид Македонец да биде градоначалник. Или, пак, предупредувањето на Ахмети до Албанците од Гостивар, во стилот на трибалистички водач, за ризикот од тоа да се дозволи Македонци да одлучуваат за „албанскиот град Гостивар!? Ваквите трнот во окото на другиот го гледаат, но, гредата во своето не ја чувствуваат. Додека, пак, партиите кои се на власт и кои, како самопрогласени претставници на цел еден народ во Македонија, немајќи со што да ја оправдаат катастрофалната состојба на секое поле од секојдневието токму на тој народ, најлесно им е да посегнат по клеветење и изнаоѓање на фиктивна опасност и закана, која ќе биде прикажана како оправдание за девастирачките последици од нивното владеење.

Каков е ставот на Левица во врска со спорот со Бугарија? Ќе се согласите ли со евентуален меѓудржавен договор, со кој се негира македонската нација, јазик и историја?

Нашиот став е дека овие преговори треба да бидат прекинати под итно! Главно поради две причини: Првата причина е тоа што нашиот источен сосед, малициозно искористувајќи ја позицијата на постојана членка на ЕУ и правото на вето, во преговорите со Македонија поставува услови кои крајно противречат на декларираните принципи и вредности како на самата Унијата, така и во меѓународните односи. По примерот од Грција, моменталната политичка елита во Бугарија ги користи и ќе продолжи да ги користи истите системските слабости на Унијата, за спроведување на својата негаторска политика кон македонскиот народ за сметка на интеграционите процеси.  Да бидам искрен, ваквата негаторска и шовинистичка позиција на Бугарија и премолченото одобрување на истата од страна на ЕУ, не е толку изненадувачка. Основен двигател и мотив во проширувањето на ЕУ секогаш била геополитиката. Така беше и за време на најголемото проширување во 2004 и 2007 година, кое се случи како резултат на интересот на НАТО, да во некои бивши земји членки на источниот блок од Студената војна биде спречено т.н. „руското влијание“. Така е и сега, иницијативата за проширување на ЕУ не доаѓа од расположението на самите земји членки, туку од страна на бриселските бирократи под влијание на САД. Но, за разлика од пред 20 години, условите денеска се различни: НАТО пактот е неединствен, меѓународниот поредок во поглед на влијанија е мултиполарен, економско-социјалните контрадикции помеѓу земјите членки на Унијата по оската центар-периферија стануваат сѐ позабележителни, и конечно, сѐ повеќе земји членки на Унијата не би сакале да ги приближат своите граници кон регионите кои претставуваат мигрантска рута, па со нивна интеграција во ЕУ дополнително да го олесни патот на миграција кон Западна Европа. Втората причина поради која сметаме дека овие преговори треба да бидат прекинати е тоа дека моменталната Влада ниту има легитимитет, а ниту пак трошка кредибилитет и доверба да води преговори за било што во име на нацијата. Владата на Заев отпочнувањето на преговорите со ЕУ ги гледа како сламка за спас, таа е спремна уште еднаш да ги поткопа националните интереси заради сопствен спас на политичката сцена.

Пред извесно време вие говоревте за неопходноста од национализација на државните ресурси. Што точно подразбирате под тоа?

Тука пред сè мислев на оние природни богатства кои изминатите години се дадени на концесионери, вклучувајќи ги тука и водните ресурси за кои ние како партија предвидуваме да станат и уставна категорија. Инаку, потребно е да се национализираат и производните капацитети и средства, а не само природните ресурси, но тоа би била малку подолга расправа. Сепак, во оваа насока би сакал да забележам нешто во врска со агресивната пропаганда, која изминативе 30 години на сила не’ убедуваше дека сѐ што е приватно е и ефикасно, следствено и успешно. Додека пак сѐ што е државно/јавно тоа е скапо за одржување, нефункционално, односно непродуктивно. Но, реалноста не е баш таква. Имено, во неразвиените земји како Македонија, улогата на државата е пресудна за стимулирање на развојниот капацитет на економијата. Државата е единствениот чинител кој може долгорочно да планира и да инвестира во развој на државните капацитети: во енергетиката, инфраструктурата, транспортот, земјоделството, образованието итн. Ваквото долгорочно и насочено планирање е подлога за успешно функционирање и на приватниот сектор. Не би можело да има успешни домашни бизниси без образовани кадри, без развиена мрежа на патишта или железници, без организирани меѓународни трговски односи – области кои во отсуство на државата се осудени на пропаст. Тоа што нашите државни капацитети се жртви на катастрофални партиски и рамковни решенија е навистина голем проблем. Затоа решението мора да биде побарано во темелни реформи во однос на јавното управување, односно, реорганизација на целокупната државна администрација. Секако дека под итно треба да се пресече постоечката состојба, каде државата се користи само како спонзор на бизнисмени блиски до или од самата власт. Ние денес всушност во некои сегменти имаме и национализација на државните ресурси, но само во корист на малкутемина од владејачката класа. Оттука, ние се залагаме за ослободување на потенцијалот на нашата економија, за што од пресудно значење е државата да игра развојна улога во служба на создавање социјална економија од која придобивки ќе има целиот народот, а не само стотина профитери.

По локалните избори вие сте дел од Советот на Град Скопје. Дали се запознавте со состојбата во градската управа? Во каква состојба е главниот град?

Да, како носител на советничката листа за Град Скопје на Левица сега сум дел од Советот на градот. Досега се одржани само две седници на Советот, од кои едната свечена при неговото конституирање. Сè уште не можам да кажам дека сум доволно запознаен со состојбите во градската управа и начинот на нивното функционирање. Но, на последната седница на Советот на дневен ред беа извештаите за финансиското работење на јавните претпријатија основани од градот и тука имав можност да го видам, не само недомаќинското располагање со буџетот на претпријатијата, туку воедно и нивната девастираност во поглед на (не)поседувањето на капацитети за вршење на нивната основна дејност. Но, не само тоа, забележителна е и бирократската каргаша околу самите јавни претпријатија, што во поглед на ефективноста ги прави ограничени и гломазни за управување. Недоволно јасни и неодредени се критериумите за нивна евалуација, па следствено на тоа, изгубена и неодредена е одговорност за нивното функционирање. Сѐ на сѐ, главниот град ни е во лоша, би рекол алармирачка состојба: од хигиената на неговите улици и јавни површини, но и условите во неговите установи, сообраќајниот метеж, урбанистичката збиеност која се манифестира како пренаселеност, загадениот воздух, менаџирањето со отпадоците и дивите депонии, но и отпадните води, презастарената водоводна мрежа, па сѐ до енергетските капацитети на градот кои скоро и да воопшто ги нема. Кога ќе се направи една генерална слика за градот Скопје, при споредбата на проблемите со кои тој се соочува, од една страна, а капацитети и можности кои тој ги поседува за да се справи со овие проблеми, од друга страна, станува сè појасно дека проблемите – како по обем така и по нивната ургентност од потребата да бидат решени – далеку ги надминуваат постоечките, и човечки и институционални како и технолошко-механизациски капацитети со кои градот располага. Затоа, овие проблеми, секојдневно на различен начин го надвладуваат градот.

Левица е засега нерешлива енигма за конкурентските партии. Од избори во избори вие го дуплирате резултатот. Што очекувате од наредните парламентарни избори?

Јас лично очекувам дека конечно помалите парламентарни партии ќе се обединат по прашањето за промена на изборниот модел во насока на една изборна единица. Ова ќе им биде заеднички бедем како услов без кој ниту една од нив нема да прифати коалиција во власта со било која партија од поголемите две. Доколку тие ова не го направат, нивните лидери, водени од своите лични лукративни интереси, повторно ги изневерат своите гласачи и прифатат улога на обичен декор на владејачката партија, тоа ќе бидат последни избори на кои ќе фигурираат боите на ваквите пајтон партии. Како партија, пак, очекуваме на следните парламентарни избори да добиеме двоцифрен број пратеници во Собранието со што ќе бидеме фактор без кој нема да може да се состави влада, освен доколку не се обединат овие кои сега навидум се разликуваат, па тогаш, конечно политичката борба ќе постане детерминирана од идеологијата, а не како сега од демагогијата.

Под какви услови би коалицирале во некоја идна власт и дали би се согласиле во владата да партиципирате заедно со партиите на ДУИ и СДСМ?

Не би можел од сега да зборувам за тоа дали воопшто би коалицирале во некоја идна власт, а уште помалку да шпекулирам под кои услови тоа би го направиле. Но едно е сигурно, со ДУИ и СДСМ на Заев, дефинитивно не би партиципирале во власт.


Интервјуто изворно прочитајте го на следниов линк.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ