До Левица, од огорчени граѓани постојано пристигнуваат поплаки за тековната социјална катастрофа предизвикана од недостатокот на кадар во амбулантите во Поликлиниката во населбата Драчево, од постојаните дефекти на рендген апаратот и од условите во здравствениот дом во кој протекува вода од покривот на зградата и тн.
Поликлиниката Драчево опслужува регион со околу 40 илјади граѓани. Дали Министерството за здравство наменски остава 40 илјади жители без итна медицинска помош!?
Поликлиниката покрај тоа што нема кадар за итна интервенција, па ги праќаат за обичен преглед пациентите до Скопје, со години истата не пружа специјалистички и супспецијалистички услуги. Кога обичен преглед е луксуз за граѓаните на Драчево, што останува за посложените медицински интервенции, грижа и превенција од болести?
Сметаме дека здравствената нега и медицинските услуги треба да бидат највисок приоритет на секоја Влада. Недостатокот на кадар, неисправноста на медицинската опрема и протекувањето на вода се нешта што се недозволиви во било која здравствена установа. Овие проблеми заслужуваат итна реакција и решение од страна на надлежните органи.
Левица се обврзува да го стави здравството во јадрото на своите политички приоритети и да работи активно за подобрување на здравствените услуги во земјава. Години наназад здравствениот систем е во колапс со редовни протести и штрајкови преку кои се бара зголемување на инвестициите во здравството, подобрување на условите за работа на медицинскиот кадар и овозможување на квалитетни медицински услуги за сите граѓани. Левица е активен поддржувач и учесник во сите овие барања.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
ЗДРАВСТВЕН СЕКТОР
07.08.2023