Левица – Охрид: Комисијата формирана од градоначалникот Георгиески работела незаконски при легализација на дивоградби

Конечниот извештај за извршена ревизија на усогласеност на спроведување на законот за постапување со бесправно изградени објекти во општина Охрид, покажува дека комисијата формирана од градоначалникот, која е задолжена да ја утврди фактичката состојба на лице место (по приемот на барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект) го прекршила членот 9 од Законот за бесправно изградени обејкти. Односно, комисијата увидот на самото место, фотографиите и изготвувањето на записникот, ги извршувала по комплетирање на целокупната документација и изработка на геодетски елаборат – а не по приемот на барањето, како што впрочем налага наведениот член од законот. Оваа состојба во пракса може да влијае на злонамерно и манипулативно изменување на првично изградениот објект, односно негово проширување и доградба.

Извештајот покажува огромна бројка на поднесени барања за утврдување на правниот статус на бесправни објекти и тоа 15.939 барања. Оваа ситуација говори дека нов рок или нов закон за продолжување на рокот за поднесување барања апсолутно на општина Охрид не ѝ е потребен. И онака таа бројка е огромна и во иднина, доколку се дозволи истата пракса, ќе продуцира само урбанистички хаос и неможност за властите да се справат со комуналните и водоводни проблеми, кои ќе произлезат од настанатиот хаос.

Дополнително, извештајот покажува неактивност и противзаконско постапување на локалната власт по предметите за кои овластените градежни инспектори утврдиле градежни активности на објекти по поднесено барање за легализација и за кои изготвиле барање за нивно отстранување. Односно надлежните не донеле ниту едно решение досега за отстранување на таквите објекти, согласно член 24 став 2 од Законот за бесправно изградени објекти.

Овој утврден факт дополнително ги потврдува нашите ставови дека целта на централната и локалната извршна власт не е во насока да се спречи урбанистичкиот хaoс, туку владејачката коалиција директно се става во заштита на криминалот и безредието.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ОХРИД
16 јуни, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ