Димитров: За генезата на културната автофагија

278983525_1173578500066874_2552654536441066935_n-800x445

Дали културата во северна е мртва? Tука мислејќи на окупираната територија на Македонија со октроитана власт. Прашањето можеме да го прошириме и со тоа дали воопшто остана нешто живо во овие два мандата на истата таа власт, вклучувајќи ја тука и културата? Без да навлегуваме во политички вратоломии, би сакал да ја разгледаме состојбата на културата последниве неколку години, со фокус на моменталната состојба. 

СДС евидентно доживува криза на идентитетот. Од вообразените и арогантни урбани црвено буржујски интелектуалци, идеолошкиот простор на СДС беше заземен од страна на „пиљарското“ таканаречено „сељачко“ крило. Додека првите беа носители на некаква „авангардна“ културна матрица, наменски продуцирана и финансиски поддржана од Сорос структурите, окупирајќи простор преку придобивање на младината и создавајќи терен за следните избори, вториве се пазарно ориентирани, фокусирајќи се на локалниот криминал и измеќарската надворешна политика. Со други зборови, културата ја оставија на маргините, неводејќи грижа за националните културни кодови или просто препуштајќи ги на шовинистичките апетити на ДУИ. 

Иако коалицирањето со ДУИ беше препознатлив принцип на ВМРО, па однемајкаде тие без задршка го користеа тоа, тој начин на функционирање повеќе им легна на СДС, издигнувајќи го на едно повисоко ниво. Таа коалиција не е само од корист и за дограбување до власта, туку преку тој наметнат принцип, целокупниот арсенал на политички активности (а со тоа и целата одговорност) им го препуштаат на ДУИ. СДС се само на власт колку да се каже и тоа преку безидентитетски ликови, спроведувајќи туѓа политика. 

Министерството за култура очигледно е монетата за поткусурување кога треба да се откачи некоја партија од коалицијата и да и’ се додели некој министерски ресор. Како најнебитна, културата е оставена на маргините, без културна политика, стратегија, без било каков ангажман, без финансии, без интерес за културното наследство, како последен интерес во државните политики. 

Културата се престори во турбо фолк. Не само што третокласни уметници се финансираат од буџетот (тоа е сепак субјективна категорија нели), туку преку овие финансии се покриваат хонорарите за одработеното за северна, а во последно време и за идната федерација. За тоа какви проекти се финансираат со парите на граѓаните, веќе напати сум потенцирал, па не би се повторувал. За тоа говори и нивото и квалитетот на културната понуда. 

Културното наследство мора да се игнорира, се’ до негова комплетна девастација. Доколку не го одржувате, тоа самото ќе се распадне. Во интерес на оваа власт е тоа да не постои, за да нема историски доказ и континуитет во постоењето на македонската нација. 

Културните установи ги преименуваа. Тоа се или установи „на северна“ или „национални“ установи. Ќе употребат секакви синтагми, само да не се употребува името Македонија или Македонски/Македонска во називот на институциите. Со еден збор бришење на идентитетските кодови и потсвесно постепено потиснување на свеста околу македонското. 

Што се однесува пак до македонскиот јазик, актуелната „власт“ на северна го усвои Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик чиј предлагач е Министерството за култура, предлог кој повторно не придонесува за заштита и афирмација на македонскиот јазик и тоа по неколку основи. Имено, се предвидува основање на Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик за вршење инспекциски надзор над примената на Законот, орган кој би бил во состав на Министерството за култура. За споредба, Инспекторатот за албански јазик (предвиден со Законот за употребата на јазиците) е орган на Министерството за правда. Според ова, Инспекторат во рамки на Министерството за култура ќе има подреден статус/ингеренции во однос на Инспекторатот во рамки на Министерството за правда.

Од овој аспект и досега, по донесување на Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година, се забележува непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик, како што се: занемарување на правописните норми, нивно несоодветно користење, нелекторирање или нестручно лекторирање, недоследности во реализацијата на наставата по македонски јазик на сите образовни степени, како и неправилности во говорното изразување во медиумите и воопшто во јавната сфера. Иако Законот за употреба на македонскиот јазик предвидува ригорозни казни за непочитување на јазичните норми, тие не се спроведуваат во пракса.

Во момент кога преку уставни измени се случува идентитетски геноцид на македонската нација, СДС забревтано (заедно со своите партнери по криминал ДУИ) е вклучен и во експлицитен културоцид и ерозија на сите аспекти на кутлурата, културните кодови на нацијата, кои во вакви услови наместо да зајакнуваат, тие дополнително и намерно се деградираат. 

СДС (со својата криминална коалиција ДУИ) како автоимуна болест е впрегната во културната автофагија на македонската култура. Што побрзо се отарасиме од оваа терминална дијагноза, и ја поставиме нацијата на здрави основи (поставени од Левица), дотолку побрзо ќе закрепне и македонската култура.  

Пишува: Тони Димитров (Координатор на Левица – Сектор Култура)

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ