(Видео) Апасиев: Да се држиме заедно, да се бориме заедно, ако треба и во затвор да одиме заедно!

dimitar apasiev afz

Говор на проф. д-р Димитар Aпасиев, претседател на Левица, од Конститутивната седница на АФЖ – Левица.

„Ние, Президиумот на Левица како иницијатори, го основавме ова тело АФЖ (08. март ’23г) точно со ова име – АФЖ за да го земеме дискурсот којшто почнаа НВО структурите да го мејнстримизираат.

Како правник и историчар на право, ретко среќавам богови на правдата. Секогаш во антиката има божици на правдата, а ова веројатно не е само случајност. Жените го имаат тоа вродено чувство на хармонија, на ред.

Ние за жал, често го имаме оној комплекс да се самопонижуваме себеси пред странците, под налетот на евро фундаментализамот. Јас обратно ќе го свртам дискурсот – да бидеме ГОРДИ на нашата социјалистичка традиција.

Ние сме виделе добро под социјализмот, за разлика од другите држави коишто биле под капиталистички системи.

Во НОБ, околу 100 илјади жени имаат директно учество; некои позадински, како логистика, санитет, прва помош и сл; 25 илјади од нив се убиени, од нашите македонски простори, седум се прогласен за народни херои на Југославија.

Прочуената Роса Плавева, (Велешанка како и јас), жена со прогресивни идеи, која во тоа време била дури понапредна од Роза Луксембург и Клара Цеткин.

Од храбри жени, како Накие Бајрам, кои во време на Отоманско царство, за време на Младотурската револуција подбуцнуваат против зарот и фереџето, ние спанднавме на жени кои забулени, сѐ уште ни држат прес-конференции. И тоа ни го продаваат како прогресивност.

Да се потсетиме и на првата убиена партизанка, Магдалена Антова. Предадена е од родениот татко кој бил БУГАРОФИЛ. Да се потсетиме и на Невена Георгиева – Дуња која беше обезглавена во Нежилово, а главата набиена на колец ѝ била ставена на излог во месарница, со цел да ги плаши велешани. Да се потсетиме на Маца Овчарова, којашто била жива закопана уште додека претала кога цел шаржер испукале во неа. Да се потсетиме на Вера Циривири, којашто опколена од бугарските фашистички чети, за да не им падне во раце, се самоубива. Да се потсетиме и на Вера Јоциќ, за којашто е посветена и песната „Очи“ од А. Шопов. На Мирка Гинова, првата загината партизанка во ДАГ, во Егејска Македонија и Елпида Караманди.

Во Порторож ’76 година се случува конференција за положбата на жената во општеството, на која доаѓаат и Французинки и Германки во тогашна Југославија. Во Швајцари, дури ’73 е признато правото на глас на жените. Но дојдени на Балканот, тие сметале дека жените тука се заостанати. На конференцијата им кажуваат на југословенските жени, дека треба да се изборат за правото на развод. Југославија имала најпрогресивен Закон за семејство, па им одговориле дека веќе имаат право на развод. Тогаш треба да се изборите за право на абортус; треба да се борите за 8 часовно работно време; за правото на породилно отсуство да се борите. За сето ова жените од Југославија им кажале дека веќе сите овие права ги имаат и тоа се едни од најпрогресивните закони во Европа и светот.

Ова поднебје е РАСАДНИК на прогресивните идеи. Манифестот на АСНОМ е полн со прогресивни идеи.

Да раскинеме со неолиберализмот. Овој ‘либтард феминизам’ многу се разликува од левиот феминизам којшто ние го пропагираме. Жени експлоатираат жени. Социјализмот има решение за тоа – јавни градинки и тоа со сто процентна покриеност, која е една од нашите заложби.

Ние, левите феминисти се залагаме за редистрибуција на богатството.

Феминизмот не смее да остане слугинка на капитализмот.

Да се држиме заедно, да се бориме заедно, ако треба и во затвор да одиме заедно. И како што велеше мојот сограѓанин, Рацин:

НИЕ СЕПАК НА КРАЈОТ ЌЕ ПОБЕДИМЕ.

Да живее АФЖ на ЛЕВИЦА и да живее Македонија!“

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
23.06.2023

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ