На седмата седница на Советот на Општина Велес закажана за вторник 28.12.2021 год. како точка на дневен ред од страна на општинската администрација ставени се на продажба 38 градежни парцели и давање под закуп на 13 градежни парцели.
Голем дел од парцелите се наоѓаат на опожарениот простор окулу Велешкото езеро кој во предизборието од сите политички партии беше предмет на длабока загриженост во однос на уништување на природното богатство за да после избори и добивање на власт да стане предмет на комерцијализација, профит и задоволување на мегаломански апетити на олигархиски структури при што под сомнеж го донесува и пожарот кој го опустоши просторот и нанесе непоправливи штети на природното наследство.
Советниците на ДПМНЕ со поддршка на “зелената агенда “на советникот од ДУИ во Советот на Општина Велес планира распродажба на овие парцели на езеро Младост за градење на хотели, мотели-домови, кампови и сл. со што целосно ќе се изврши легална комерцијализација и узурпација на просторот кој граѓаните го користат за рекреативни цели и прибежиште од урбаната и загадена средина на градот.
Советниците од Левица се строго против дополнителното уништување на природниот релјеф на просторот окулу Велешкото езеро и ја информираат јавноста дека ќе поднесат барање до Претседателот на Совет на Општина Велес за да се повлече оваа точка од дневниот ред и да се спроведе јавна анкета кадешто граѓаните ќе можат да си го искористат своето право на мислење според деловникот на Општина Велес.
Доколку ова барање не наиде на одобрување од страна на другите советници од ДПМНЕ/ДУИ/СДС тогаш советниците од Левица ќе ја напуштат салата и нема да учествуваат во гласањето по оваа точка на дневен ред.
Апелираме до Претседателот да не заборави дека граѓаните на Општина Велес се оние кои им ја даваат довербата на советниците, а согласно тоа советниците треба да бидат водени од задоволување на интересите на граѓаните и нивното мислење треба да биде консултирано и уважено.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ВЕЛЕС
26 декември, 2021