Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Левица – Ѓорче Петров: Обиди за градење рејтинг преку вечер

Со последните случувања на седница на Советот на општина Ѓорче Петров, двете политички партии застапени во ова тело како и Градоначалникот Александар Наумоски, уште еднаш ги докажаа нивните чисто профитерски интенции. Додека од една страна сѐ уште се слави победата на Локалните избори во 2017 по кафеани, од другата страна сѐ уште траат обидите конечно да се осознае значењето на улогата советник во претставничкиот орган во општината – Совет.

Според наведеното од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Градоначалникот Александар Наумоски цели две години не се појавувал на седниците на Советот на општина Ѓорче Петров, а за неговиот мандат од четири години, присуствувал едвај десетина пати и тоа во првите две години. Оттука произлегува и прашањето – зошто досега ВМРО-ДПМНЕ како опозиција молчела за ова? Засега, за жал, единствените кои има пристап до дневниот ред, седниците и севкупните случувања во општината се исклучиво политичките партии, и тоа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Неспорна е неспособноста на Градоначалникот на Ѓорче Петров како и приоритетното место на кафеаните за време на неговата функција. Но неспособноста е воочлива и за другата страна – четиригодишното молчење и непреземање ништо значајно од страна на ВМРО – ДПМНЕ како опозиција, чија основна функција треба да биде вадење на неправилностите на виделина, создавање притисок на власта и слично. Молчењето на опозицијата е сериозна опасност по демократијата.

Четиригодишната негрижа за граѓаните и незаинтересираноста за унапредување на општината Ѓорче Петров, проследена со будење во последните месеци од мандатот е веќе познато сценарио, евидентно и за двете страни. Градоначалникот Наумоски се занимава со асфалтирање улици и крпење дупки, заедно со неговата матична партија организираат маалски средби со граѓани и сл. Истото се однесува и за ВМРО-ДПМНЕ кои се обидуваат со приближувањето на Локалните избори да ја прикријат нивната пасивност, а со последниот скандал само го маркираа нивното активно молчење и нефункционалност.

Жителите се апсолутно неинформирани за случувањата во општината и за тоа на кој начин се трошат нивните пари. Сѐ се одвива зад затворени врати. Од 23 членови на Советот во општината Ѓорче Петров 10 се на ВМРО – ДПМНЕ. Тоа е 43%. Левица во Парламентот е застапена со двајца пратеници од вкупно 120, што е 1,7 %. Па сепак, ги презема сите правни и политички дејствија кои се во интерес на граѓаните, без одложување ја пласира реалноста поблиску до граѓаните и експресно брзо реагира по сите неправилности.

Со ваквите активности на манипулирање на ѓорчевци, подобро на наредните Локални избори ВМРО-ДПМНЕ да не кандидираат свои советници, зашто сепак постои можност повторно да се во „мал број“ и да седат со прекрстени раце чекајќи некој личен бенефит, т.е. продолжување со нивната активна пасивност.
Еден од првите чекори кои Левица ќе ги преземе по Локалните избори, е инсистирање на целосна транспарентност и примена на начините за учество на граѓаните при донесување одлуки во општината. А во периодот пред нас, ќе бидат објавувани информации за мегаломанското и недомаќинско трошење на народните пари од страна на локалната власт.

Ако тие не знаат како, Левица знае!

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЃОРЧЕ ПЕТРОВ
18 јули, 2021

Најнови објави