Иако советот на Општина Центар, на четвртата седница со 21 глас ЗА, изгласа да се стават двете точки на дневен ред за парцелите спроти „Холидеј Ин“, предложени од советничката група на ЛЕВИЦА и истите се одложија, сепак на продолжението не се гласаше по овие точки.
Имено, Левица со првата предложена точка бара РЕФЕРЕНДУМ за суспензија на градбите на овие парцели, додека пак со втората бара ИСТРАГА од страна на општинските инспекциски служби за законитоста на постапката за отуѓување на градежното земјиште.
И покрај исцрпното образложение на советниците на Левица за ваквите барања, за време на продолжението на четвртата седница и неприкосновената правна издржаност (повикувајќи се на членовите 36, 38, 39 од Законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување и член 15 алинеа 4 од Деловникот на општината), сепак правната служба на општината и советничката група на СДС неосновано тврдеа дека овие точки немаат правна основа, мешајќи го ова барање со членовите кои се однесуваат на граѓански иницијативи за референдум.
Советот на Општина Центар како највисок одлучувачки орган на општината има полно законско право според горенаведените членови да ги задолжи службите да спроведат референдум на кој ќе им дадат право на Центарци да се изјаснат по ова прашање кое подеднакво ги засега.
Сепак, иако расправата не вроди со плод, Градоначалникот на општина Центар вети дека во најбрз можен рок ќе организира средба со внатрешни и надворешни експерти, како и со кординаторите на советничките групи, на која ќе се изнајде наводното најдобро решение по однос на овие 2 точки. Советничката група на Левица се’ уште ја чека поканата од Градоначалникот за ваквата средба.
Во меѓувреме, веднаш по седницата на која се дискутираа овие две точки, двете незаградени парцели, за кои сe’ уште нема платено комуналии, експресно се заградија.
Затоа ЈАВНО го прашуваме градоначалникот Герасимовски зошто ја одложува дискусијата и гласањето по однос на овие две точки?!
Во прилог изјавата на советничката Марија Среброва за ТВ 24
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ЦЕНТАР
30 јануари, 2022