Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Поддршка за штрајкот на машиновозачите од МЖ Транспорт

    Тргнувајќи од нашите идеолошки заложби како партија на класно освестените работници и единствена левичарска партија во Република Македонија, Левица во целост го поддржува штрајкот на машиновозачите од МЖ Транспорт АД Скопје, на кои не им е исплатен вториот дел од платата за септември.

    Македонски Железници со години наназад е мета на грабеж од страна на политичката партија ДУИ. Дотолку е нивното поведение скандалозно, што „Трансперенси интернешнл“ утврди дека на парламентарните избори во 2016, истите тие кампањата си ја спонзорирале со пари донирани директно од МЖ Инфраструктура! Да останеми неми во име на светото правило „невин додека спротивното не се докаже“ и да не го впериме прстот кон ДУИ и за кризата што сега се случува во МЖ Транспорт, непосредно по самите локални избори, е неправедно во однос на молкот на надлежните кои одбиваат да ги санкционираат докажано виновните функционери на ДУИ.

    Ја користиме оваа прилика за уште еднаш да нагласиме дека ДУИ не се партија која што го претставува интересот на албанскиот работник во Република Македонија! Дали ДУИ ги зеде предвид машиновозачите со албанска етничка припадност кога одлучи кампањите да си го спонзорира на нивни грб или за нивните животи немаше место во нивната националистичка кампања заглавена во добата на илузиите за „големи држави“ од минатиот век, како што нема ни за работниците од останатите етникуми?

    За крај, поучени од приватизирањето на железниците во Велика Британија непосредно по владеењето на конзервативката Тачер, кое што дотолку повеќе ги намали платите на работниците и ги поскапе билетите за патниците, апелираме до секој еден граѓанин на Република Македонија силно да се спротивстави на какви било намери на власта да ја приватизира МЖ Транспорт!

    Нам ни треба народна власт која ќе го претставува интересот на работничката класа и ќе постави одговорно раководство на МЖ Транспорт, од самите редови на поискусните машиновозачи, наместо од редовите на своите партии, а не и она малку што остана под државна капа да го продадат на олигарсите и тајкуните, чиј единствен интерес е профитот, а не квалитетот на живот на машиновозачите.

     

    ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
    02 ноември, 2021

    Најнови објави