Во јавноста испливаа детали од средбата Заев – Гаши, каде партијата Алтернатива за да се приклучи на власта, бара да ѝ припадне и едно вицепремиерско место (или преименувано, заменик на Претседателот на Влада).
Потсетуваме, во Македонија има четири вицепремиери (заменици на Претседателот на Влада), па оттука, нелогично е расипничкото однесување на Владата во услови на криза да дели плата од Буџет за четири дополнителни функции и нивни советници, во и онака, пренатрупаната, нефункционална и неодржлива администрација.
Токму СДСМ во опозиција ветуваше намалување и реорганизирање на министерствата, со цел нивна рационализација – за од позиција на власт, поради коалиционите ветувања за прв премиер од редовите на ДУИ, да воведат нови излишни функции. Дополнително, платата на советниците на вицепремиерите е повеќе од две просечни плати.
Левица минатата година ја оспори пред Уставен суд тогаш дефинираната функција „потпретседател на Влада”, која беше противуставна категорија и беше директно мешање на извршната власт во прашања регулирани со Уставот. Откако беше отворена постапка, Уставниот суд го укина членот 14, во делот: „потпретседател на Владата“ од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.
Од страна на Уставниот суд беше установено дека се работи за јавна функција која не постои во правниот поредок на Република Македонија, по што произлезе дека конкретниот дел од Законот е неприменлив, поради што Судот оцени дека основано се поставува прашањето дали ваквата законска регулатива е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Левица категорично се бори против политиките на осиромашување на обичниот народ што ги спроведуваат политичките елити на власт и против нивното расфрлање со народните пари.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – СЕКТОР ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ
02 декември, 2021